Претседателот Стево Пендаровски, кој е во работна посета на Кралството Шведска и учествува на Меѓународниот форум за сеќавање на Холокаустот и борба против анти-семитизмот „Remember – React“ (Запомни – Реагирај), во Малме се сретна со Роналд Лаудер, претседател на Светскиот Еврејски Конгрес.
Претседателот Пендаровски истакна дека Република Македонија е посветена на зачувување на споменот на Холокаустот и обезбедување историска одговорност за што презеде конкретни мерки и активности кои беа широко признаени и ценети.
Во таа насока, Пендаровски го издвои отворањето на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје, усвоените работни дефиниции на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот – за антисемитизмот и за негирање на Холокаустот, усвоената Декларација по повод 75 – годишнината од депортацијата на македонските Евреи, како и реализираните значителен број домашни и меѓународни семинари за едукација и обука и комеморативни настани во знак на сеќавање на жртвите од Холокаустот.
Претседателот Пендаровски на средбата истакна дека Холокаустот не смее да заборави, како и дека е потребно да се едуцираат младите генерации за Холокаустот и неговото негирање. Како што потенцира Пендаровски, во оваа насока, Република Македонија поднела апликација за полноправно членство во Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот, ИХРА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.