Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го попречија новогодишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски со транспаренти „Идентитетот се продава, Стево молчи“, „Не е мој претседател“, „Заев: Пендаровски не е искусен политичар“, а потоа ја напуштија собраниската сала.
Потпретседателот на партијата Александар Николоски за медиумите ја образложи постапката на пратениците од опозицијата.
Стево Пендаровски докажа дека не е претседател на сите граѓани туку извршител на една политичка структура и на Зоран Заев. Со тоа Стево Пендаровски им сврте грб на македонските граѓани и затоа денес пратениците на ВМРО-ДПМНЕ му свртеа грб нему.
Стево Пендаровски е прв кој кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е Бугарин и со тоа ги урна македонските национални позиции, ја отвори Пандорината кутија и ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата, во преговорите за историјата внесе политика, и драматично ги поткопа темелите на македонската самобитност, македонскиот национален идентитет и самобитноста на македонскиот јазик и посебноста на македонската историја.
Стево Пендаровски е претседател на државата кој не кажа ниту збор за изјавите на Зоран Заев дека бугарската војска била ослободител, дека тука имало администрација и дека бугарскиот и македонскиот јазик се едно исто.
Стево Пендаровски е претседател кој не се консултира за стратешки работи што ѝ се предлагаат на Македонија како што е членството во ЕЕЗ. Стево Пендаровски без доказ за обезбедено мнозинство му го додели мандатот на Зоран Заев, со што го стави во привилигирана положба за составување влада кога и самиот Зоран Заев кажа дека нема обезбедено 61 патеник.
Конечно, Стево Пендаровски е претседател на држава кој е нелегитимно избран затоа што се појави сведоштво на лидер на верска заедница кој рече дека гласовите за Стево Пендаровски биле купени, а за возврат му биле ветени пари и земјиште на скопското Кале. Затоа нема легитимитет да се претставува како претседател на Република Македонија, рече Николоски.
Николоски потврди дека ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува замрзнатите односи со Пендаровски.
Наместо да обединува, Пендаровски поларизира, рече Николоски, потсетувајќи дека Пендаровски прокоцкал историска шанса да биде првиот претседател на Македонија кој не е оспоруван.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.