Претседателот Стево Пендаровски ги прими новоименуваните амбасадори на Република Македонија пред нивното заминување во странските држави каде што ќе ги извршуваат своите дипломатски должности.
Од кабинетот на претседателот информираат дека на средбата присуствувале Сашко Тодоровски – амбасадор во Чешката Република, Горан Цеков – амбасадор во Јапонија, Светлана Гелева – амбасадорка и постојан претставник при Советот на Европа, Билјана Стефановска Сековска – амбасадорка во Комонвелтот Австралија, Бети Јачева – амбасадорка во Кралството Холандија, Драган Јордановски – амбасадор во Република Естонија, Лидија Бошковска – амбасадорка во Хеленската Република и Милаим Фетаи – амбасадор во Република Хрватска.
Претседателот Пендаровски им порачал на амбасадорите дека од нив очекува првенствено и исклучиво да ги штитат интересите на Република Македонија.
Очекувам да бидете проактивни во спроведувањето на нашата надворешна политика, соодветно да постапувате и одговорате на надворешно-политичките предизвици. Вам ви припадна привилегијата, но и големата одговорност да продолжите да работите на меѓународниот углед на државата – истакнал Пендаровски на средбата.
Од Кабинетот на Пендаровски информираат дека тој им посакал добро здравје и успех на нашите нови амбасадори во извршувањето на одговорните дипломатски ангажмани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.