Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, не чувствуваат одговорност поради блокадата на Бугарија. Според претседателот Пендаровски, блокадата се базира на барања на Софија надвор од Договорот за добрососедство, додека пак премиерот Заев рече дека целиот свет не гледа како Европејци со поглед кон иднината.
Пендаровски, на прес-конференција по завршување на Советот за безбедност, во одговор на новинарско прашање рече дека не чувствува одговорност за ветото кое е се поизвесно од Бугарија, затоа што не е договорено ништо ниту писмено, ниту усмено, надвор од Договорот за добрососедство.
– Да сме потпишале нешто надвор од тој договор, тогаш би можеле да барате одговорност. Не мора ни да барате, сами ќе си заминеме, рече Пендаровски.
Заев исто така рече оти не чувствува одговорност за блокадата на Бугарија.
– Не чувствувам одговорност затоа што целиот свет знае да не пофали, знае да не награди и знае да го покаже тоа колку сме луѓе со поглед кон иднината, колку сме Европејци, и како тоа го правиме во европски манири, истакна премиерот.
На новинарско прашање дали се заострува реториката кон Бугарија, и Пендаровски и Заев децидни дека тоа не е случај.
– Не постои заострување на реториката или пак обид за тоа сега да се прикажеме како поголеми патриоти. Мојот став, како и ставот на премиерот и на ресорните министри, е дека не смееме да се спуштаме на уличарско ниво во разговорите со Бугарија, во разговорите со било кого. Ние во овој момент имаме добиено доверба од граѓаните да ја водиме оваа држава и не само овој спор. Мора да покажеме не само географски, туку дека сме навистина европска држава која има демократска власт, која владее на демократски начин и која се изразува на европски начин, посочи Пендаровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.