Со посетата на базиликата „Санта Марија Маџоре“, претседателите на Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев денеска заеднички ќе им оддадат почит на Светите браќа Кирил и Методиј. Двајцата претседатели ќе положат цвеќе пред пред спомен плочата во чест на Свети Кирил и Методиј. Тие ги предводат делегациите на двете земји во посетата на Рим и Ватикан во чест на сесловенските просветители.
Положувањето цвеќе во спомен на сесловенските просветители на плочите на македонски и бугарски јазик и воопшто, заедничката посета и заедничкото патување со бугарски државен авион на двете делегации се оценува како чекор кон затоплување на климата меѓу двете земји и тоа во момент кога на маса е ставен португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија и за одблокирање на процесот на евроинтеграција на Македонија.
Тоа ќе биде единствената заедничката активности на двајцата претседатели во чест на Свети Кирил и Методиј, а Пендаровски и Радев денеска по оддавањето почит на сесловенските проветители ќе имаат изјава за медиумите.
Шефот на државата Пендаровски денеска треба да има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црквата, папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин. Потоа, претседателот Пендаровски во базиликата „Сан Клементе“ ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил.
Пендаровски и Радев вчера на скопскиот аеродром имаа куса неформална средба , по што двете делегации, заедно со медиумските екипи со бугарскиот државен авион полетаа за Рим.
Пендаровски и Радев заедничкото патување за Рим и Ватикан и заедничкото чествување на Светите браќа Кирил и Методиј го оценија како можност за обновување на дијалогот и довербата и за зајакнување на односите меѓу Македонија и Бугарија во духот на Договорот за соработка, пријателство и добрососедство.
Според Пендаровски, на кусата средба со Радев на скопскиот аеродром немало конкретен исход, туку била воведен разговор за престојните активности, но и за случувањата на релација Скопје-Софија изминатите денови.
Како што напомена Пендаровски, двајцата претседатели на средбата направиле ретроспектива на она што се случувало изминатите два-три дена во Брисел. но и оперативно разговорите за спорот ги водат владите на двете земји.
Така ќе биде и понатаму, а ние сме тука за да ја релаксираме атмосферата, да говориме со еден поинаков јазик и да ја обновиме довербата – изјави Пендаровски.
Радев, пак, изрази благодарност до, како што кажа, неговиот колега и пријател Пендаровски за гостопримството.
Сакам да споделам дека заедничкото патување и оддавање почит на Светите браќа Кирил и Методиј е прекрасен повод да го обновиме дијалогот на нашите две земји на највисоко ниво и да ја изразиме нашата заедничка волја за развој на нашите односи во духот на соработката, пријателството и добрососедството – истакна бугарскиот претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.