Шефот на државата, Стево Пендаровски, во вечерашната емисија „360 степени“ зборуваше за отворените прашања што земјава ги има со Бугарија.
Прашан дали отсуството на политичка влада во Бугарија е единствениот проблем зошто спорот не се надминува, Пендаровски вели дека тоа не е точно.
„Знаете дека не е така. Прво не знаеме кој ќе биде во новата влада. Самиот чин на правење политичка влада нема да гарантира дека ќе го решиме проблемот за 24 часа. Не знаеме кој ќе влезе. Од овие што се претенденти да влезат дури и новите партии кои се појавија последниве месеци може да бидат дел, дури и да предводат за влада, а нивните ставови се непроменети во однос на таа декларација изгласана во бугарскиот парламент за позициите на нивната поранешна влада“, вели Пендаровски.
Тој рече дека пред 15 дена бугарското МНР испратило допис во рамките на ЕУ со образложение зошто тие не можат да дадат зелено светсло за земајва да стартува преговори со Унијата.
„Има серија на такви дописи, но еве да го земеме последниот во кој се образложува не само дека службената влада во Бугарија не може тоа да го направи според Устав и закон, иако можат, туку тие на уште три-четири страни образложуваат историски моменти, дополнувајќи дека ние не сме го исполниле Договорот за добрососедство од 2017 година, па се споменува говор на омраза… Во Бугарија се формираше еден општ консензус, и сега и службената влада ја следи реториката на претходната политичка влада и тешко е да се излезе од тоа“, рече Пендаровски.
Тој рече дека не само што сега Бугарија нема политичка влада, туку Собранието е распуштено, а во ноември следуваат и претседателски избори, а актуелниот претседател има поднесено кандидатура за реизбор. Со ова, практично, тој и да сака да смени нешто, не би можел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.