Претседателот Стево Пендаровски синоќа се обрати на затворањето на осмото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ и истакна дека таа манифестација во континуитет придонесува за промовирање на родовата еднаквост и феминистичките вредности во нашето општество кое, како што истакна Пендаровски, за жал, нема традиција на културни и активистички практики од овој тип.

Овие месеци сме соочени со огромниот предизвик, да се справуваме со најголемата здравствена криза во овој век, која сериозно се одрази во сите општествени сфери и ги промени нашите животи. Пандемијата придонесе за продлабочување на постојните нееднаквости во различни области и на различни нивоа и ни покажа колку е важно да се работи на градењето на подобар свет, на заедници во кои еднаквоста, грижата, почитта, солидарноста ќе бидат наши носечки принципи, инаку, принципи кои сеи во основата на феминизмот и движењата за родова и социјална правда – изјави Пендаровски. 

Како што соопштија од неговиот Кабинет, Пендаровски посочил дека овој фестивал е дел од независната културна сцена кај нас, кој нуди прогресивни културни политики и ги става во центарот на своето делување феминистичките вредности и родовата еднаквост, жените и женското уметничко творештво и културна продукција и критички го преиспитува нашиот општествен контекст, политиките и врзано со тоа, дистрибуцијата на моќ во општеството. 

Родовата еднаквост е важна заложба во мојот мандат и со моето делување сакам да дадам придонес во унапредување на родовите политики во земјата. Моето присуство на овој настан сакам да биде разбрано како поддршка на посветеноста на организаторките и сите културни работнички и работници, уметници, активистки и теоретичарки кои со години даваат придонес во развојот на нашата независна културна сцена и ја промовираат женската културна и уметничка креација – вели Пендаровски. 

Според него, како општество треба уште многу да направиме за унапредување на родовата еднаквост во културната сфера, но и во останатите сегменти.

Годинава фестивалско издание на „Прво па женско“ се одвиваше од 17 до 23 август. На програмата беа повеќе настани, како филмски проекции, изложби, диџеј сетови, форум дискусија…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.