Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими генерал-мајор Бајрам Бегај, началник на Генералштабот на Вооружените сили на Република Албанија, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата се разговараше за билатералната воена соработка меѓу двете држави, при што беше нагласено дека постои потенцијал за нејзино унапредување во следниот период.

Како успешен пример на соработка, соговорниците ги истакнаа учествата на двете армии во заеднички вежбовни активности, со што се зајакнува интероперабилноста и се подигнува нивото на обученост и подготвеност на припадниците на армиите. Тие изразија надеж дека соработката помеѓу двете армии во иднина ќе се продлабочува и ќе го достигне степенот на соработка на двете држави што го имаат на политичко и на економско ниво.

Претседателот Пендаровски изрази очекување дека Македонија и Албанија, како соседи и полноправни членки на НАТО, ќе продолжат да ги усогласуваат своите ставови во контекст на соработката во Алијансата.

На средбата стана збор и за соработката на двете држави во рамките на регионалните иницијативи, кои се во насока на унапредување на стабилноста и безбедноста на регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.