Претседателот Стево Пендаровски го прими командантот на Копнените сили на САД за Европа и Африка генерал Кристофер Каволи.

Kако што соопштија од Кабинетот на претседателот, на средбата, Пендаровски изразил задоволство од севкупната билатерална соработка меѓу државава и САД, особено во сферата на одбраната.

Пендаровски истакнал дека САД се клучен сојузник и поддржувач на нашата држава од нејзината независност и дека Македонија особено ги цени односите со САД, како нејзин стратешки партнер. Тој истакнал дека членството во НАТО дава дополнителна можност за зајакнување на партнерството.

Пендаровски посочил на долгогодишната посветеност на земјава и нејзината Армија, преку континуирана соработка со САД да дава придонес во меѓународните мировни операции, вклучувајќи ги реализираните мисии во Ирак и во Авганистан.

На средбата, Пендаровски се заблагодарил за севкупниот придонес на САД во модернизацијата и опремувањето на Армијата, како и во обука и едукација на нејзините припадници.

Претседателот Пендаровски ги реафирмирал своите заложби за континуирано зголемување на буџетот во одбраната, до исполнување за зацртаната цел до 2024 година – најмалку 2 отсто од БДП да се инвестираат во модернизацијата и развојот на Армијата.

Пендаровски презентирал дел од постигнатите достигнувања и развојот на воените способности на Армијата, согласно потребите што произлегуваат од членството во НАТО.

Како што се наведува во соопштението, на средбата се разменети информации за текот на мултинационалната вежба „Одлучен удар 21”, што се одржува на армискиот полигон „Криволак“. Претседателот Пендаровски истакнал дека со реализацијата на вежбата Армијата уште еднаш ја докажува својата подготвеност да дејствува координирано со нашите сојузници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.