Претседателот Стево Пендаровски го поздрави пристапот на новиот бугарски премиер кон Македонија, оценувајќи дека е од особено значење за надминување на спорот меѓу двете земји. Пендаровски ги отфрли гласините дека недобивањето датум може да влијае на дестабилизацијата на државата, додавајќи дека слични предвидувања имало и во 2008 година, кога земјава е влезе во НАТО, но тоа не се случило.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, порача дека местото на Косово и Македонија е во НАТО и ЕУ, а Брисел треба што поскоро да се откаже од неправдата кон граѓаните на Косово и да одобри визна либерализација. Османи очекува двете земји да разменат практики на заедничкиот пат кон ЕУ.

„Процесот на европска интеграција останува приоритет над приоритетите и е процес во кој си помагаме и продолжуваме да си помагаме. Треба да се напомене дека и покрај тоа што Косово ги исполни сите критериуми за визна либерализација, ЕУ сè уште не го исполни ветувањето. Сакам да му се заблагодарам на претседателот Пендаровски што беше гласен во процесот на визна либерализација за Косово како соседна земја и во исто време за поддршката што си ја даваме меѓусебно во процесот на европска интеграција воопшто.“

Двајцата претседатели заклучија дека „Отворениот Балкан“ без вклучување на сите земји од Западен Балкан не е функционален, па затоа вклучувањето на Косово во тој процес гарантира успех за неговото функционирање. Во рамки на посетата на Косово, Пендаровски се сретна и со претседателот на Собранието, Глаук Коњуфца и со премиерот Албин Курти. Посетата на Пендаровски е и прва посета на претседател на Македонија на Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.