Претседателот Стево Пендаровски го поздрави постигнатиот договор за избори на 15 јули помеѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Го поздравувам постигнатиот договор помеѓу лидерите на политичките партии, предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули годинава. Очекувам изборите да бидат фер и демократски, како што доликува на земја членка на НАТО и земја којашто отпочнува преговори со Европската Унија. Постигнатиот консензус за датумот за одржување на предвремените парламентарни избори е уште еден показател дека во секоја зрела демократска земја неопходен е политички дијалог преку кој се носат усогласени одлуки и одлуки исклучиво во интерес на граѓаните – вели Пендаровски.
Од Пендаровски се очекува да прогласи нова вонредна состојба која ќе биде со цел, како што рече Заев, да се направат измени во Изборниот законик со цел денот на гласање наместо недела да биде среда – 15 јули. Тој ден, наместо вообичаените 12, ќе има 14 часа за гласање – веројатно од 7 до 21 часот.
На 13 и 14 јули (понеделник и вторник), пак, ќе гласаат болните и изнемоштените, лицата позитивни на ковид-19 и оние кои се во изолација и самоизолација. Молкот ќе почне во недела на 12 јули на полноќ.
Од претседателот на Собранието, пак, рече Заев, ќе се очекува да го коригира претходното решение за избори на 12 април.
Заев, заедно со Мицкоски, ќе ги информираат членовите на ДИК за постигнатиот договор за ова тело да заседава и да ги заврши протоколите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.