Претседателот Стево Пендаровски попладнево ги потпиша указите за прогласување на законите од петтиот пакет антикризни мерки.
На македонската јавност ѝ е добро позната заложбата на претседателот на државата Стево Пендаровски да ги поддржува сите законски иницијативи и проекти кои се во интерес на граѓаните и тоа се однесува и на т.н. петти пакет на економски мерки со кој помош треба да добијат 60.000 наши граѓани и стопански субјекти, најтешко погодени за време на пандемијата. Затоа, денес претседателот Пендаровски без никаква дилема ги потпишa Указите за прогласување на законите со кои ќе им се овозможи на илјадници наши граѓани да земат плата за февруари и март оваа година, се вели во соопштението од Кабинетот на Претседателот.
Во однос на уставноста и законитоста во работењето на Собранието, од Кабинетот истакнуваат дека претседателот на државата нема надлежност истата да ја преиспитува и оти за неа е одговорен претседателот на Собранието, а по усвојувањето на законите, и Уставниот суд.
Што се однесува до повикот на Мицкоски до претседателот да покаже дека е „достоен за функцијата која ја извршува”, нашите граѓани најдобро покажаа што мислат за достоинството на претседателот на изборите пред две години. Освен тоа, нашите граѓани знаат дека претседателот Пендаровски секогаш имал став за најважните прашања и проблеми со кои тие се соочуваат, дури и за работи кои не се во негова директна надлежност, а се во интерес на граѓаните, вклучувајќи го и повторно реактуелизираното прашање за промена на границите на Балканот. За жал, некои други, меѓу кои и Мицкоски „не бекнаа” за овие екстремни и многу опасни предлози, потенцираат од Кабиентот на шефот на државата.
Пендаровски апелира до сите политички субјекти да се однесуваат одговорно и да не најавуваат апсења и затворски казни за своите политички противници, затоа што тоа е во исклучива надлежност на правосудните органи.
Најавата за поднесување на кривични пријави за претпоставени незаконити дејствија е легитимна, меѓутоа, најавите и гаранциите за апсења кога доаѓаат од страна на политичарите асоцираат на едно друго време кога единствената партија на власт беше и полицаец и обвинител и судија, нагласуваат од Кабинетот на Пендаровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.