Во обраќањето на денешната деловна средба на македонски и хрватски бизнисмени, што се одржува во Загреб, на вториот ден од неговата официјална посета на Хрватска, претседатеот Стево Пендаровски, порача дека треба со заеднички напори да се вратиме на старите патеки на кои бевме и да ги подобриме перформансите во билатералната економска соработка.

Во македонската бизнис делегација се стопанственици од Сојузот на стопански комори, а средбата е организирана заедно со Хрватската трговска комора. На собирот се разгледуваат потенцијалите за продолжување на соработката од пред пандемијата, со фокус на можностите за нови инвестиции.

Пендаровски истакна дека пандемијата нанесе огромни штети на економиите во двете држави и изрази надеж дека погодените сектори како што е туризмот многу бргу ќе се вратат во нормала, со отворање на границите. За тоа, потенцираше тој, особено е важна вакцинацијата против Ковид-19 и добро е што се забележува висок процент на вакцинирани и во двете држави.

Без вакцинација нема сигурен развој на економијата и враќање во она што било претходно. Вашите проценти се нешто повисоки од нашите, но можам да кажам дека и кај нас во Македонија има значително помасовна фаза на имунизацијата и очекувам дека во следните над месец и половина ќе дојдеме над половично мнозинство на вакцинирани, така што вратите пополека се отвораат за враќање на старите патеки – изјави Пендаровски.

Како што наведе шефот на државата, бројките во трговската соработка во изминатата година се намалени, но намерата на бизнис заедниците од двете страни во неколку клучни сектори е таа да биде и над нивото од пред пандемијата.

Оптимистичките сценарија за македонската и хрватската економија се дека четвртиот квартал годинава може да донесе поголеми стапки на економски раст и практично да биде предвесник на она што ќе се случува следната година кога би можеле да очекуваме целосно враќање на економскиот потенцијал како што беше пред 2020 година – потенцираше Пендаровски.

Пендаровски нагласи дека кога се разговара за економската соработка помеѓу двете држави, но и со другите држави од регионот, јасно е дека пандемијата не е единствената причина зошто економската соработка не е на уште повисоко ниво.

Во нашата економија јасно е дека не се зависи од луѓето во бизнис секторот, јасно е дека се многу значајни стабилноста и интегритетот на институциите, најважно е владеењето на правото, најважно е корупцијата да се сведе на најниско можно ниво за странски инвеститори и бизнисмени да доаѓаат во држава која има предвидлива бизнис клима и стабилен бизнис систем кој може да ги штити нивните права – изјави Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.