За време на холокаустот нацистите го развиле најефикасниот начин за да уништат цел еден народ. И речиси успеале во таа монструозна намера. Во текот на Втората светска војна биле убиени над шест милиони Евреи. Сите биле систематски деперсонализирани, дехуманизирани и уништени, истакна претседателот Стево Пендаровски на комеморативниот настан организиран од Италијанската амбасада во земјава, а во соработка со Еврејската заедница во Македонија, во рамки на одбележувањето на 78-годишнината од холокаустот на македонските Евреи.
Подвлекувајќи дека на овој ден во 1943 година речиси целата еврејска заедница од Македонија била насилно собрана и депортирана во кампот на смртта Треблинка, претседателот Пендаровски потенцира дека половина од убиените 7144 македонски Евреи биле деца.
Во рамки на настанот, Пендаровски разговараше со Ензо Мерло, режисер на документарниот филм „70072: Девојчето што не знаеше да мрази“ и со главната протагонистка Лидија Максимович, една од неколкуте илјади преживеани од логорот на смртта, Аушвиц.
Пораката на преживеаните е многу јасна. Тие не поттикнуваат омраза, бидејќи омразата најмногу го уништува оној што мрази. Тие не бараат ниту одмазда, бидејќи одмаздата ја продлабочува неправдата. Тие бараат да се сеќаваме на вистината за Холокаустот, за никогаш да не се повтори – порача Пендаровски.
На онлајн настанот се обратија и претседателката на Еврејската заедница во Македонија, Берта Романо-Николиќ, како и амбасадорот на Италија во нашата земја, Андреа Силвестри.
Во спомен на македонските Евреи кои на 11 март 1943 година беа депортирани во логорот Треблинка денеска во дворот на Кабинетот, претседателот Пендаровски симболично засади садник од даб, а беше поставена и спомен плоча со порака „Простуваме, но не забораваме“.
Дрво беше засадено и во Ерусалимската парк шума на мирот, Амандав.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.