„Слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ. Таа започнува како идеја на една генерација која сака да биде своја на своето и самата да одлучува за својата иднина“ – вака ја започнува честитката до граѓаните претседателот на државата Стево Пендаровски, по повод празникот Илинден – Денот на Републиката.

На 2 август 1903-та, борбата за слобода ја започна револуционерната илинденска генерација која во епохата на монархии прогласи демократска република, а во времето на тесногради национализми реши да гради соживот меѓу различните. Борбата за слобода ја продолжи славната антифашистичка генерација која ги надмина пропагандите и поделбите и се сплоти околу идејата за слободен народ во своја, слободна држава. Како што сведочи и Манифестот, на 2 август 1944-та, делегатите на АСНОМ го остварија сонот за слободна македонска држава во која сите нејзини граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, независно од нивните разлики и уверувања, потсетува Пендаровски.

Но, според него, еднаш добиена, слободата мора да се одржува преку посветена работа на секоја нова генерација. Тој вели дека годинава прославуваме 30 години од независноста, години во кои, како што оценува, имавме и подеми и падови, три децении на успеси, но и на бројни надворешни и внатрешни искушенија кои предизвикаа длабоки кризи и поделби.

Во овие времиња на неизвесност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали. Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани. Слободата се раѓа како идеја, се стекнува со борба, а се одржува преку напорите на секоја генерација, на секој еден од нас. За многу години Илинден! Да ни е вечна и вековита републиката Македонија!, порача Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.