Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи и сите други граѓани, нека ни е честита 30-годишнината од независноста на нашата заедничка држава, порача претседателот Стево Пендаровски во видео-честитката по повод 30 години независност.

На денешен ден, пред 30 години, се оствари сонот на сите генерации кои се бореа и гинеа за нашата слобода. Македонската државност е беа сомнение нашето најголемо заедничко историско постигнување. Денес, имаме привилегија да имаме своја, независна држава. Во исто време, имаме и голема одговорност – да вложуваме во неа за да биде достоен дом за секој од нас. Каква држава ќе изградиме, таква држава ќе имаме.

Нашата најголема вредност, со векови наназад е традицијата на почитување на различностите. Cеверна Македонија, може да напредува, само, ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина.

Нашето подобро утре зависи и од интеграциите во важните меѓународни организации. Како мала држава, во денешниот глобален и немирен свет, не можеме да опстоиме без сојузници и пријатели. Интеграциските процеси беа, и сеуште се, и мотив и средство за постигнување на внатрешна кохезија и за достигнување на највисоките европски вредности, порача Пендаровски.

Драги сограѓани, додаде тој, да се почитуваме и разбираме меѓу себе, да сфатиме дека различниот од нас не е наш непријател, да ја разбереме политиката како борба за идеи и концепти за подобро денес и утре, а не како борба на живот и смрт.

Ние немаме резервна држава. Cеверна Македонија е нашиот единствен, заеднички дом и ќе биде пристојно место за живеење само ако секој од нас го вложи во него својот труд, својата одговорност и својата совест. Почитувани сограѓани, Нека ни е честита 30-годишнината од независноста!

Да ни е вечна и вековита државата!, рече Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.