Охрид го има решено најголемиот и најгорлив проблем, бидејќи ќе сопре урбаната деградација и градежното дивеење кое му се случуваше на градот и тој правилно ќе се развива, истовремено штитејќи ги неговите вредности како и животната средина, вели во интервјуто за „Слободен печат“ новиот градоначалник на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

Тој очекува новиот Урбанистички план за охридското крајбрежје, кој треба да биде комплетно усогласен со Планот за управување со културното и природното наследство на Охридскиот Регион, како и со препораките на УНЕСКО, да стави крај на узурпацијата што со години му се случува на Охрид.

Пецаков најави и враќање на гранитните плочи во добар дел од историското јадро на Охрид, за враќање на автентичноста на чаршијата, во зависност од тоа колку пари ќе има Општината. Прво ќе се обнови плоштадот кај Чинарот.

На прашањето зошто на почетокот на мандатот се нафати да го проширува булеварот „Македонски просветители“ поради што треба да се исечат дури 72 дрвја, Пецаков вели дека разбира зошто јавноста е толку чувствителна на темава, но дека станува збор за проект почнат од претходната градска управа, дека е финансиран од Светска банка, поради што течат рокови за негова реализација, како и дека дрвјата, според процена на овластено лице, во голема мера биле стари и болни.

Вкупно на булеварот има 49 липи, 13 костени и 10 млади јавори, од кои јаворите и уште други десет здрави дрвја ќе бидат пренесени на друга локација. За останатите, можете и самите да се уверите, повеќето се во лоша состојба. Наместо нив ќе бидат засадени нови, ќе бидат постари од шест години и ќе бидат со двоен вкупен пречник од исечените дрвја – вели Пецаков.

Прашина крена и неговата изјава дека нема дивоградби на охридските плажи, но тој појаснува дека се работи за погрешно пренесена изјава.

 

Целото интервју ТУКА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.