Промените во Македонија започнаа и тоа е видливо на ниво на цела држава, посебно во оние што претставуваат големи градови. Или е завршено во првиот круг или во истите тие градови има огромна разлика и предност кои што во вториот круг треба да ја ефектуираме. Самата енергија е видлива и трендот е тој кој што е и затоа на сето тоа го темелам оптимизмот, вели кандидатот за градоначалник на општина Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

Тој во емисијата „Објектив“ на националниот сервис МРВ1 истакна дека очекува убедлива победа во вториот круг од локалните избори и дека сите учесници во изборниот процес се расположени за соработка, при што се очекува до крајот на вториот круг ВМРО-ДПМНЕ да обезбеди и мнозинство од советници во општинскиот Совет.

„Гледајќи дека во Македонија веќе е појавена потребата од промени, а до промена ќе се дојде само и само ако има промени во локалната власт, односно ако ВМРО-ДПМНЕ успее да победи во најголемиот дел од општините, како и во првиот круг. Што значи дека, сите оние кои се одлучиле да направат промени, без разлика дали се независни или настапуваат како партија, биле незадоволни, а дел биле порано и во некаква коалиција со СДСМ, биле незадоволни од тоа како се води Македонија, така да, убеден сум дека се спремни да ја поддржат оваа власт да падне. Ние секако сме во преговори и до крај на вториот круг или откако ќе завршат изборите, ќе се знае за мнозинството во општинскиот совет, затоа што сите се расположени за соработка“, рече Пецаков.

Проблемот со плажите кои што оваа туристичка сезона дојде најмногу до израз, Пецаков вели дека ќе го реши со тоа што, со него на чело на Општина Охрид, за плажите повторно ќе се даваат концепции.

„Плажите повторно ќе добијат концесија. Како туристички град не смееме да си го дозволиме она што летово ни се случуваше, во јуни да имаме рушење или до чистење на плажите. Тоа беше некаква идеја на досегашната локална самоуправа и градоначалникот Константин Ѓеорѓиевски, за да во август имаме некаков си јавен повик за изглед на плажите. Проблемот таму е што беа истечени концесиите и во рок од четири години владеење на СДСМ, на локално ниво, не најдоа за сходно, како локална самоуправа, тој проблем да го решат. Така да, проблемот со плажите и нивното уредување ќе го решиме со тоа што плажите повторно ќе добијат концесии“, истакна Пецаков.

Пецаков вели дека, во неговиот градоначалнички мандат, екологијата ќе има посебно внимание, затоа што како во светот и во Европа, така и кај нас е особена важна за граѓаните, и дека Охридско езеро како едно од најстарите во Европа ќе го заштитат така што, ќе постават две пречистителни станици во Трпејца и Љубаништа и, исто така ќе ја заврши и реконструкцијата на колекторот.

„Екологијата, заштита на еко системот, зеленат агенда се топ приоритети на светско и на европско ниво, така што и кај нас се наметнуваат како теми важни за граѓаните. Ние, како град во кој што имаме најстаро езеро во Европа, ќе се грижиме за неговата заштита. Еден од главните приоритети ќе ни биде да ја довршиме реконструкцијата на самиот колектор и ќе поставиме пречистителни станици на две места, во Трпејца и во Љубаништа и со тоа ќе го заокружиме нашиот дел од езерото да биде заштитено од влез на отпадни води“, потенцираше Пецаков.

Во однос на заштита на старата охридска архитектура, тој истакна дека во неговата програма има проекти за реконструкција на плоштадот и угостителските објекти за зачувување на изворниот изглед.

„Во програмата имам проекти за унифицирање на изгледот на објектите на самиот плоштад со цел зачувување на старата охридска архитектура која е највидлива во старото јадро на градот. Предвидуваме реконструкција на угостителските објекти на градот со цел унифицирање на нивниот изглед, отсранување на светлечките реклами од стариот дел и заменување со резбани, односно реклами од дрво“, истакна Пецаков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.