Пауза на Седницата за прашањето за доверба на Владата се уште трае на барање на заменик-координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска.
Покренувачите на Иницијативата, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, Левица и Беса го немаат потребното мнозинство за гласање недоверба на Владата, откако стана јасно дека пратеникот Кастриот Реџепи од Беса не присуствува на седницата иако е потпишан на иницијативата.
Реџепи ова го потврди на Фејсбук статус посочувајќи, меѓу другото, дека одлучил да не присуствува на седницата „имајќи ја предвид актуелната политичка состојба по оставката на премиерот Заев и заради процесот и силните пораки од стратешките партнери – САД и ЕУ, кои ми се соопштени од висок дипломатски претставник дека во месец декември државата има големи можности да добие датум за преговори со ЕУ“.
Претседавањето со седницата го презеде потпретседателот на Собранието Фадил Зендели кој доаѓа од Беса и е еден од потписниците на Иницијативата. По самиот почеток, седницата ја напушти претседателот на Собранието Талат Џафери, а на неа не присуствуваат ниту пратениците на СДСМ и ДУИ. Во салата при првото пребројување имаше 61 пратеник, но со напуштањето на Џафери сега има само 60. За кворум се потребни најмалку 61 пратеник.
Како ќе продолжи седницата и дали ќе дојде до гласање останува да се види во текот на денот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.