Предлогот Добрила Кацарска да стане Уставен судија не ги изненади оние кои објективно и добро ги познаваат приликите во македонското правосудство, како и трговиите со влијание и притисоците под кои работи судско-обвинителската фела. Односно, после пресудата за затворска казна за Груевски и Јанкуловска (и Ѓоко Поповски) за апсурдниот предмет „Тенк“ и 211 години затвор за „тероризам“ на 27-ми април, и на врапчињата на гранките им беше јасно дека судија кој делува како максимален послушник на СДСМ ќе биде награден со висока функција – доколку впечатокот за послушност е навистина точен.

И – „се случи чудо“ – Добрила Кацарска „едногласно како во старите добри времиња“ на жестокиот тоталитарен комунизам, беше избрана за кандидат за Уставен судија од Судскиот совет на Република Македонија, за чии критериуми ќе пишуваме следните денови.

Овој текст има за цел да анализира една од пресудите на Кацарска која во очите на одредени политички центри и особено владеачката СДСМ „ја вивнаа“ до небо, бидејќи токму од нејзиниот начин на водење на постапката, како и обвинението напишано (малку веројатно) од Вилма Рускоска, произлегоа три гласа за промена на уставното име на Република Македонија.

Пресуда темелена на исказ на криминалец менуван неколку пати

Уште за време на судењето искажаните лаги на тогаш обвинетиот Александар Василевски Нинџа беа оспорувани од сите други инволвирани во постапката, но тоа за Рускоска и Кацарска не играше никаква улога. Напротив, Рускоска „како да го нарача“ исказот на Нинџа за да си ги пополни сите дупки во обвинението за кое немаше докази, па и требаше некој како Нинџа, кој има историја на лажни сведочења потврдени со судски преиначени пресуди, а за кои лажни сведочења остварувал лична корист, односно добивал помали казни за делата за кои бил обвинет.

„Полоша“ од Рускоска (која е сепак „само“ обвинител) беше токму кандидатката за Уставен, Добрила Кацарска, која не само што не ја процени играта на Рускоска со докажаниот лажен сведок Нинџа кој е патем и криминалец со илјадници страни досие, туку и огромен дел од пресудата темелеше ТОКМУ на лагите кажани од Нинџа.

Трагедијата е што во конкретниот пример за ставот на Кацарска за Митко Чавков, таа не веруваше на неколку сведоци кои под заклетва тврдеа дека Чавков од 18 до 19 часот на 27-ми април не бил во Штабот на ВМРО-ДПМНЕ, а му поверува на обвинетиот за тероризам Нинџа кој досега четири пати ги менуваше исказите за настаните на 27-ми април, секогаш наведувајќи различни верзии за случувањата: кој му се јавил, кога му се јавил, каде се среќавал со луѓе, кого гледал, каде гледал… во секоја од четирите верзии, овие „сведоштва“ на Нинџа се различни, бидеќи – логично – се измислици.

Но, за Кацарска, ваквите околности како и историјатот на Василевски очигледно не значеа ништо пред можноста да „суди ВМРО-вци“ и пропратно да го забрза процесот на „преплашување“ пратеници пред гласањето за промена на уставното име во Парламентот. Да потсетиме, рочиштата се одржуваа по 4-5 пати неделно, секоја недела, по 10-12 часа на ден, како да се брзаше да се „стигне“ пред тајмингот одреден за гласање за промена на името. За споредба, обвинетите во Монструм имаа по 2 рочишта месечно кои траеа по 2-3 часа. И ден денес тој случај уште трае.

Нинџа „помилуван“ од Кацарска, Кацарска „помилувана“ од Судскиот совет

Поради соработката на Нинџа (која подоцна ја потврди и негов адвокат) со обвинителството, Кацарска „го награди“ со 8-годишна затворска казна, ДУПЛО пониска од таа која ја добија повеќето негови познаници за истиот настан. Со ова уште еднаш Василевски се чини дека истргува лажно сведочење какво му одговара на исполитизираните суд и обвинителство, за сметка на што доби помала казна – односно 2 години под минималната за овој случај. Единствен кој доби пониска казна, 7 години затвор, е Абдулфета Алими, еден од двајцата луѓе кои го спасуваат Зијадин Села.

Добрила Кацарска која е судија долги години одлично го познава Александар Василевски Нинџа и неговиот„калибар“, но можеби и било ветено силно унапредување во кариерата доколу замижи пред логиката, историјатот, објективните околности, сведоците под заклетва… и донесе пресуда која одговара на политичкиот наратив на владеачката партија и се темели на одбрана (не на сведочење, Нинџа како обвинет даваше одбрана) која не е под заклетва, кажана од човек кој има историја на лажни сведочења и кој кажува неколку различни верзии за истите настани.

Најконкретно, последната ЧЕТВРТА верзија кажана годинава на судењето за т.н. организирање на настаните на 27-ми април, е сосема РАЗЛИЧНА од верзијата според која Кацарска осуди на 211 години затвор 16 лица. Но, таа верзија според која суди Кацарска е дадена 2 недели пред пресудата (сомнителен тајминг, повторно мириса на нарачка), а пак таа верзија има СУШТИНСКИ разлики со втората верзија која Нинџа ја кажа на суд. Втората верзија има суштински разлики од првиот исказ на Нинџа пред обвинителството, до кој Кацарска сигурно имала пристап.

Односно, добро знаела што прави и свесно пресудила врз основ на лагите искажани од криминалец со илјадници страни досие, а не врз основ на факти, докази и сведоштва под заклетва од многумина.

Ако тоа го правела за да добие награда Уставен судија, како што се шпекулираше – целта е остварена. Освен што веројатно денес на сите им е јасно, без дилеми, дека спрегата меѓу Кацарска и СДСМ е несомнена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.