Патниците кои ќе пристигнат од Дубаи и од Истанбул од утре ќе се скенираат со термална камера за да се провери дали евентаулно имаат симптоми на коронавирусот кој почна да се шири во регионот Вухан во Кина. Од утре ќе биде отворен и телефонски број на кој ќе можат да се јават луѓето кои доаѓаат од регионот Вухан и кај кои можат да се јават симптоми за да не одат кај матичен лекар и амбуланти.
Нема простор за паника, немаме директни летови со овој регион во Кина што значи дека луѓето кои евентуално би дошле од таму се веќе неколку пати скенирани на другите аеродроми. Станува збор за вирус кој што дава многу слични симптоми на грипот. Може да помине со лесна, средна форма, но има и тешки форми кои што веќе предизвикаа смрт кај пациенти заболени од овој вирус. Морам да потенцирам дека тоа се пациенти кои се постари, со намален имунитет, и пациенти со хронични заболувања, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Во однос на пристигнување на вирусот преку роба, епидемиолозите сметаат дека тоа е практично невозможно.
Но ние ќе преземеме мерки на превенција. Веќе од утре за летовите кои што имаат врска со овој регион од Кина, како летовите од Дубаи и Истанбул, патниците ќе се скенираат со термална камера. Нашиот аеродром, според последните евалуации, е на највисоко ниво за детекција и рано препознавање и рана изолација доколку кај потенцијалните заразени се најдат вакви симптоми. Ќе бидат активирани и лекарски екипи кои ќе прават прегледи, но со оглед на тоа што е сезона на грипови се очекуваат и лажни позитивни резултати, изјави Филипче по состанокот на Комисијата за заразни болести.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.