140 илјади денари е пленот на разбојниците што ја ограбија патарината „Глумово“ откриваат од Јавното претпријатие за државни патишта. Од таму во писмен допис демантира дека парите биле одземени од управната зграда.

„При проверка на безбедносните камери, кои се поставени на повеќе локации на наплатните станици и кои вршат 24 часовен видео надзор, вклучувајќи ја и наплатната станица Глумово, каде што јасно се гледа дека ограбувачите не влегле во управната зграда, туку во самите наплатни станици“, појаснуваат од претпријатието.

Директорот Зоран Китанов во телефонски разговор за „Сител“ изјавува дека маскираните разбојници пристигнале со мотор кој го оставиле на оддалеченост од 200 метри и пеш пристигнале до рампите за наплата.По грабежот го зеле моторот и побегнале во правец кон Скопје.

Разбојништвото кај „Глумово“ ги исплаши вработените на патарините, кои се жалат дека сега сами на себе биле обезбедување бидејќи од неодамна истекол договорот со агенцијата која ги обезбедувала. Според податоците на интернет страницата за јавни набавки, последниот договор бил склучен во летото 2016-та во траење од две години. Иако лани бил објавен нов оглас за обезбедување на патарините, во септември се донела одлука за поништување на постапката.

Китанов вели дека тоа е направено оти наплатните пунктови биле обезбедени со видео надзор, а не постоела законска обврска ниту правилник со кој се регулира обезбедување на патарините. Китанов смета дека при грабежот на „Глумово“, присуството на еден обезбедувач не можел да го спречи разбојништвото. Од претпријатието велат дека наскоро ќе потпишат меморандум со МВР за подобрување на безбедноста на сообраќајот и на самите наплатни рампи.

Директорот Китанов, изјави дека со вчерашниот грабеж не е предизвикана штета на претпријатието бидејќи парите биле осигурани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.