Повеќе партиски организации од ширум Македонија и откажуваат послушност на претседателката на ДОМ, Маја Морачанин. Тие не се согласуваат со одлуката на Централниот одбор на ДОМ на претстојните локални избори да се оди во коалиција со партии од центарот и граѓански активисти.

На вчерашната седница ДОМ одлучи да влезе во коалиција со ЛДП и Демократски сојуз.

Централниот одбор за шеф на Централниот изборен штаб го избра Дарко Кржовски, а за негов заменик е избран Огнен Апостолски. Граѓанските коалиции се успешен модел на креирање квалитетни локални политики, социо-економски развој и подобра иднина на граѓаните. 

 

Зелениот бран пристигнува во нашата држава, ДОМ работи заедно со граѓаните, за нивниот глас да биде чуен – соопштија од партија на зелените.

Сепак, тоа предизвика отпор кај дел од општинските организации. Во објавата на Фејсбук-страницата на општинската организација ДОМ-Велес се наведува дека против се повеќе организации.

Општинските организации Ѓорче Петров, Гази Баба, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Пробиштип, Кочани, Берово, Делчево, Лозово, Радовиш, Дојран, Кисела Вода, Аеродром и Куманово, се оградуваат од нелегитимната и нестатутарната ‘одлука‘ за коалицирање со ЛДП и ДС.

 

Без кворум се овозможи да гласаат луѓе што не се членови на Централниот одбор. Тие ги криеја своите лица кога ги фотографиравме за да го евидентираме присуството. Не беше дозволено да добиеме увид во списокот за да се сокрие нелегитимноста и нестатутарноста на „одлуката“.

 

Ова демонстрира дека претседателката нема коалициски капацитет бидејќи нема поддршка од 2/3 од општинските организации – се наведува во објавата од општинските организации.

На фејсбук страницата на ДОМ-Велес е споделено и видео, како потврда дека денешната седница на ЦО поминала во тензична атмосфера.

Денешните случувања се продолжување на насилството што врз своите членови го прави актуелното претседателство. Ова е срамно за една зелена партија која треба да ги застапува демократските вредности наместо да ги погазува – наведуваат од ДОМ-Велес.

Во мај годинава, ЦО на ДОМ реши да го разреши пратеникот Мирослав Богдановски од потпретседателската функцијата на ДОМ. Со мнозинство гласови членовите на ЦО изгласаа недоверба и кон потпретседателката Ана Петровска и Јасмина Пакашки на функцијата член на ИО на ДОМ. Богдановски неодамна поднесе оставка на пратеничка функција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.