Партиите и кандидатите за градоначалници денеска продолжуваат со изборните активности претставувајќи ја пред граѓаните изборната програма за претстојниот четиригодишен мандат.

Реконструкции на локални патишта, водоводни и канализациски системи, транспаретност и соработка со граѓаните и реализација на проекти со кои ќе се подобри животот, се дел од ветувањата на кандидатите за градоначалници.

Коалицијата предводена од СДСМ ги претстави своите кандидати за градоначалници и носители на советнички листи во Струмица, Ново Село, Босилово, Василево, Старо Нагоричане, Штип и Куманово.

Дел од програмата на СДСМ која беше претставена вчера е и воспоставување на дигитален онлајн систем за директен контакт на градоначалникот и советниците со граѓаните и брза и ефикасна размена на информации за услуги од надлежност на локалната самоуправа.

За ВМРО-ДПМНЕ, претстојните избори се важен тест на кој граѓаните ќе одлучат во кој правец сакаат да се движи земјата. Критикувајќи ја власта предводена од СДСМ за лошо менаџирање со ковид кризата и за лошото водење на државата, Мицкоски од митингот во Неготино ги повика граѓаните да се обединат во борбата против криминалот и корупцијата.

Заеднички патриотизам е заеднички да успееме, заеднички да ги вратиме добрите луѓе кои што емигрираат, назад во Македонија. Заеднички патриотизам е да бидеме без предрасуди, да го победиме криминалот, корупцијата, неправдите. Заеднички патриотизам е народот да има повеќе пари во џебот, повеќе можности за развој, да носиме добри вести, да се радуваме на новите работни места – изјави Мицкоски.

Тој истакна дека Изборната програма има повеќе од 14.835 проекти од различни области со кои се решаваат суштинските потреби на граѓаните како што се реконструкции на улици, градинки, училишта, спортски сали….

Во фокусот на Демократската унија за интеграција е зелената агенда за која вчера говореше лидерот на партијата Али Ахмети пред жителите на Пласница.

Денес сме со нова агенда, многумина имаа дилеми, но ние излеговме со оваа платформа. Значи, оваа платформа е живот, таа е за свеж воздух – изјави Ахмети.

И независните кандидати за градоначалници на средбите со граѓаните ветуваат решавње на комуналните проблеми, еднаков пристап и за урбаните и за руралните средини, вложувања во паркови и зелени површини….

Изборите ќе се одржат на 17 октомври. На овие избори за првпат ќе се применат апарати за читање на отисок на прст на гласачите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.