Пари на трансакциска кои треба да легнат за 20 дена, локацијата на Калето за џамија… ветувал Заев брда и долини за Стево Пендаровски да седне во претседателската фотелја на Водно.
За тоа како се калеше изборната победа на Стево Пендаровски на претседателските избори подробно зборува поранешниот реиз на ИВЗ Сулејман Реџепи во гостување на ТВ21 во емисијата „Клик плус“.
И каде се ветувањата што ми ги даде мене? Калето требаше да го врати, локацијата. Ми кажа за 20 дена ќе ги имаш парите во банка на трансакциска, отворено зборува Реџепи за „несебичноста“ на премиерот Зоран Заев за време на претседателските избори во 2019 година.
Реџепи објаснува како дошло до тоа тој да помогне да се изберат „свајца Стевовци и двајца Пендаровци“ со неговите гласови.
Миле Зечевиќ од СДСМ, преставник на Зоран Заев, и Изет Меџити, преставник на ДУИ, кај мене дома дојдоа и ме молеа да ги примам на состанок. Побараа од мене да помогнам со апел за изборот за преседател на Стево Пендаровски, вели Реџепи.
Поранешниот реиз во интервјуто открива и детаљ дека самиот Пендаровски му заблагодарил за победата.
И самиот Стево Пендаровски ми има кажано, ова е твоја победа не моја, рече Реџепи во гостување на ТВ 21.
На изјавите на Реџепи реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштение до јавноста ВМРО-ДПМНЕ го повикува обвинителството да истражи дали победата е на Пендаровски или на Реџепи. Оттаму велат дека Уставот е згазен и секуларна Македонија е поразена од страна на Стево Пендаровски, Зоран Заев, Миле Зечевиќ и нивните соработници од СДСМ во изборните малверзации.
Чија и да е непобедата, јасно е кој е поразениот. Уставот на Република Македонија, еднаквоста меѓу граѓаните, демократијата, слободната изборна волја и европската перспектива на земјата. Оваа победа на Стево е пораз за граѓаните. Нема ЕУ со политичари кои организираат гласање за 4 секунди и чии победи се добиени со помош на верски лидери, а не со помош на програма, достоинствено претставување и фер битка. Нема унапредување на соживотот со религиозни избори наместо со демократија и еднаква шанса за сите, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
На изјавите на реизот молчат од Владата, а од Кабинетот на претседателот демантираат.
Претседателот Стево Пендаровски, ниту пред, ниту непосредно по изборите, имал било каква директна или индиректна комуникација со тогашниот поглавар на ИВЗ, од што јасно произлегува дека наводите искажани од страна на Реџепи се целосно измислени. Претседателот Пендаровски е избран на легитимен и легален начин, на фер и демократски избори, што е потврдено во сите извештаи на ОБСЕ/ОДИХР. Сметаме дека ваквите изјави од страна на Сулејман Реџепи се крајно несериозни и недолични, имајќи ја предвид неговата поранешна улога во Исламската верска заедница, стои во реакцијата на претседателскиот кабинет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.