Изборот на претседател на Собранието е договор за продолжување на криминалот и корупцијата, бидејќи самото одолговлекување на изборот на претседател покажа дека во наредниот период ќе продолжи праксата на деградирање на институциите и неправдата, па токму затоа денеска нема да го поддржам изборот за претседател на парламентот, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.
Кај мене се појавува една дилема – дали пратениците од СДСМ ќе го поддржат овој предлог, бидејќи господинот Талат Џафери доаѓа од редовите на ДУИ? Исто така, ме интересира дали мојот сограѓанин Зоран Заев ќе го поддржи овој предлог, бидејќи самиот истакна дека ДУИ е канцер. Позната е изреката дека во политиката нема вечно пријателство и непријателство, ама не можам да го разберам лицемерието на кое се базира ова старо-ново пријателство. Сето тоа се прави поради пари и поради страв од правдата. Имам и прашање до Џафери, кој на еден митинг во Охрид истакна: „Ако Заев не им се извини на Албанците и ако не престане да лаже за ДУИ, тогаш ќе биде многу тешко да се соработува со него лично“. Господине Џафери, дали Заев ви се извини или сите навреди ги голтнавте? – праша Панова.
На ова Џафери одговори дека стои зад тоа што го кажал.
Јас сум свесен за моите ставови и стојам зад секој збор што сум го искажал – рече Џафери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.