Од вкупно 120 пратеници, 119 биле присутни на најмалку еден социјален медиум во 2020 година. Носителите на извршната власт, претседателот и Владата биле во целост онлајн, додека бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми се зголемил за три, споредбено со 2019 година и изнесува 74 од вкупно 81. Двонасочната комуникација останува предизвик и за 2021 година, покажа редовната годишна Анализа на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).
Речиси секој пратеник или пратеничка во Собранието биле активни на Фејсбук минатата година. Анализата покажува голем дигитален раст на овој пратенички состав, споредено со претходниот. Или во бројки: минатата 2020 година вкупно 119 од вкупно 120 пратеници биле онлајн, споредено со 2019 кога бројот изнесувал нешто повеќе 2/3 или 87 народни избраници.
На Инстаграм онлајн активности во 2020 година имале 35 пратеници, додека Твитер за свој начин на комуникација со граѓаните го користат 26 народни избраника. Според анализата вкупно 15 од 120 пратеници истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека само еден народен избраник немал свој профил/страна или канал на кој било од социјалните медиуми во 2020 година.
-Бројките се многу подобри споредено со 2019 година и тоа охрабрува. Но, во година на пандемија, кога здравствените прилики наметнаа многу ограничувања и промена на навиките за комуникација, за очекување беше да нема јавен функционер, а особено јавна институција без свое активно присуство на дигиталните платформи. Граѓаните имаат право доколку посакаат да можат да постават прашање, дадат предлог или критика на било која платформа, а тимовите за односи со јавност се должни во брз рок од неколку минути или часови да го дадат бараниот одговор. Токму затоа, двонасочната комуникација и онлајн интеракцијата останува голем предизвик за функционерите и институциите и во 2021 година, вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми кој е дел од тимот кој за потребите на Институтот ја изработи анализата.
Анализата на ИДУЕП покажува раст во онлајн комуникацијата со граѓаните и кај Владата. Сите членови на кабинетот, односно 20 министри биле активни на Фејсбук во 2020 година. Од вкупниот број на министри на Твитер биле активни 15, а на Инстаграм 14 министри. Половината од вкупниот број членови на владиниот кабинет, односно десет министри биле истовремено активни на сите наведени платформи. Во 2019 година, 24 од 26 министри користеле Фејсбук, додека десет биле активни на Твитер, а 11 на Инстаграм, девет членови на Владиниот кабинет биле истовремено активни на Фејсбук, Инстаграм и Твитер.
Втора година по ред, оваа Анализа го опфаќа онлајн присуството на министерствата и веб платформата на Владата. Свои официјални веб страни во 2020 година имале сите 17 институции, додека 16 биле активни на Фејсбук, шест на Твитер, а пет присутни на Инстаграм. Само Владата, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии и Министерството за здравство се истовремено присутни со веб платформа, како и со свои акаунти на Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Едно министерство не нуди можност да биде контактирано од граѓаните преку социјалните медиуми, што претставува напредок споредено со 2019 година кога таква можност не обезбедувале дури пет министерства.
Кај претседателот на Републиката, Анализата покажува позитивно непроменет резултат. И во 2020 година, како и претходната, претседателот бил истовремено присутен со своја официјална веб страна, како и онлајн активности на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.
-Активноста на социјалните мрежи и респонсивноста преку официјалните веб страни не е замена за комуникацијата и отвореноста на функционерите и институциите со медиумите. Напротив, колку политичарите се поактивни и поизложени преку дигиталните платформи, толку повеќе информации и материјал се создава и става на располагање на медиумите. Особено е важно да се вложува во професионални тимови за односи со јавност во јавните институции, каде ќе се градат професионални капацитети кои ќе бидат првенствено насочени кон давање информации и услуги за сите граѓани, независно која политичка партија е во тој момент на власт, истакна Кордалов.
Мал напредок се забележува и во делот на активното користење на социјалните медиуми кај единиците на локалната самоуправа. Од вкупно 81 градоначалник, 77 биле активни на Фејсбук во 2020 година, бројка која е за три градоначалници зголемена споредено со 2019 година.
На Твитер во 2020 година биле активни само седум градоначалници, додека на Инстаграм тој број изнесувал 32. Споредба со 2019 година: пет градоначалници на Твитер, а 25 на Инстаграм. Статистиката покажува дека вкупно шест градоначалници минатата 2020 година истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека тројца немале свое присуство на ниту еден од социјалните медиуми. Во 2019 година тројца градоначалници истовремено ги користеле наведените социјални медиуми, а вкупно седум не биле активни на ниту една социјална платформа.
Кај општинското онлајн присуство се забележани следните статистики за 2020 година: Активни веб страни имаат 79 од вкупно 81 општина, 60 се присутни на Фејсбук, четири на Твитер, а 17 општини нудат можност да бидат контактирани преку социјалната мрежа Инстаграм. Истовремено свое веб, како и присуство на социјалните медиуми (Фејсбук, Твитер и Инстаграм) и оваа година имаат Градот Скопје и Општина Карпош, додека, пак, во 20та година од 21 век, дури на 17 општини не може да им се пристапи преку било која од овие социјални мрежи.
Анализата од 2019 година покажува дека активна веб страна имале сите 81 општина, 55 биле присутни на Фејсбук, пет на Твитер, а 12 на Инстаграм. Истовремено веб и присуство на наведените социјални медиуми имале две единици на локалната самоуправа (Скопје и Карпош), а на 23 општини не можело да им се пристапи преку која било од социјалните мрежи.
-Евидентно е дека кај социјалните медиуми на сите нивоа на власт фокусот првенствено се става на функционерите, а не на јавните институции. Потребен е најмалку еднаков пристап, бидејќи дигиталните платформи на институциите ќе останат во постојана сопственост на граѓаните, додека, пак, страните или каналите на функционерите според досегашната пракса се менуваат со заминувањето на секој јавен функционер/ка. Потребни се стандарди во комуникацијата со јавноста кои сите ПР тимови ќе ги следат и спроведуваат, посочи Кордалов.
Тој додаде дека активноста и двонасочната комуникација на социјалните медиуми од страна на властите во дигитална ера е повеќе од неопходна доколку сакаме како држава поефикасно да се избориме против говорот на омраза, дискриминацијата, но и против лажните вести и теориите на заговор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.