Институтот за физикална медицина и рехабилитација подготви оддел кој е наменет за рехабилитација на пациенти кои биле болни од ковид-19.
Заедно со специјалисти инфектолози од Клиниката за инективни болести и ГОБ „8 Септември“ Институтот веќе спроведува конзилијарни прегледи од страна на специјалисти физијатри.
Процесот на рехабилитација се спроведува согласно најновите протоколи за рехабилитација на пост-ковид пациенти од страна на тим од специјалист физијатар, специјалист интернист и физиотерапевти со долгогодишно работно искуство, кои за секој пациент пристапуваат индивидуално, согласно функционалната состојба на пациентот.
Поради долгорочните последици кои ги остава инфекцијата со коронавирусот и заради се поголемата потреба за рехабилитација на пациентите кои прележале Ковид-19, Институтот за физикална медицина и рехабилитација со поддршка на министерството подготви еден оддел кој е наменет за пациенти за пост-ковид рехабилитација, велат од Министерството за здравство.
Досега Институтот имал само индивидуални барања од страна на пациенти кои се третираа амбулантски, но од неодамна оваа јавно здравствена установа во соработка со Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од Скопје и ГОБ „8 Септември“ започна со организиран болнички пристап за рехабилитација на пациенти кои прележале ковид-19.
Овие пациенти кои со денови, некои и недели биле хоспитализирани заради Ковид-19, се соочуваат со потешкотии и во дишењето и во движењето, кои побрзо и полесно се надминуваат со стручна помош, во смисла на респираторни вежби и физикални вежби за нивно враќање кон нормалните животни активности. Она што досега го гледаме како резултат од рехабилитацијата е исклучителен напредок кај овие пациенти. Некои доаѓаат во колички, неподвижни, изнемоштени, а по само две недели веќе одат самостојно, без помагала. Со ова, практично, одиме чекор понатаму во грижата за пациентите со Ковид-19. Се грижиме не само за превенција, со вакцините кои се во најава и лекување, туку и рехабилитација која е навистина важен сегмент од секој напреден здравствен систем, потенцира министерот Филипче.
Според д-р Маја Манолева, директорка на Институтот за физикална медицина и рехабилитација, рехабилитацијата на овие пациенти трае различно, во зависност од тежината на клиничката слика и последиците кои болеста ги оставила кај пациентот, но во просек од 2 до 4 недели.
Најголемиот дел од пациентите покажуваат значително подобрување на респираторната функција, олеснување на анксиозноста и депресијата, намалување на компликациите, намалување на попреченоста, побрза вертикализација и оспособување за побрзо и поефективно враќање кон секојдневните животни функции, вели д-р Манолева и додава дека пациентите кои досега престојувале во Институтот покажуваат огромен напредок и подобрување.
Пациентите кои биле лекувани во домашни услови или се веќе испишани од инфективните одделенија, но се уште чувствуваат слабост и имаат проблеми со компликациите од болеста можат да се јават на преглед во Институтот преку Мој термин, но и преку амбулантите во установата, со цел да бидат упатени за понатамошна амбулантска или болничка рехабилитација.
Дополнително, Институтот веќе е во комуникација и со дел од општите болници низ државата за пренесување на искуствата и едукација на кадарот од тие болници со цел нивно понатамошно вклучување за рехабилитација на овие пациенти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.