Деноноќно сме посветени на контрола на ова прашање со коронавирусот. Ова непочитување на препораките е навистина огромно разочарување. Секојдневните апели за самоизолација мора да се сфатат многу сериозно. Мора да имаме одговорност кон колективното здравје заради тоа што тоа е нашиот најголем приоритет, изјави денеска Венко Филипче, откако на прес-конференција соопшти дека директорката на Клиниката за кожни болести е четвртиот пациент заразен со коронавирус во Македонија.

Секој кој што доаѓа од ризичен регион доколку на граница нема симптоми, и тоа е тој најризичен стадиум на болеста, во инкубација кога нема симптоми а веќе имало контакт со заболен кој што граѓанинот не може да го знае, мора да остане во автоизолација 14 дена.

На тој начин го штитиме сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски, на сите граѓани на нашата држава, рече Филиче.

Состојбата на директорката на Универзитетската клиника за кожни болести е стабилна, има лесна клиничка форма. Филипче не го криеше своето разочарување од однесувањето на колешката, посебно бидејќи таа е медицинско лице, а не ги следала протоколите. Таа откако се вратила од патување во Италија, редовно одела на работа, пет дена. За среќа, не била докторка во амбуланта.

Со исклучително големо внимание се пристапува кон мерките на Клиниката за кожни болести. Во овој момент целата екипа од Институтот за јавно здравје прави проценка на степенот на ризик за сите кои што контактирале со неа, како вработените, така и пациентите. Можно е согласно проценката и одлуката на епидемиолозите денеска одделот да биде целосно затворен. Целокупниот медицински персонал согласно фреквенцијата и должината на контактот кој го имале да бидат испратени на домашна самоизолација. Пациентите кои што се хоспитализирани исто така со оглед на тоа што станува збор за пациенти кои можат согласно сегашните сознанија да го продолжат лекувањето и во домашни услови. Сите други прегледи во периодот кој што следи ќе бидат насочени кон другите јавни здравствени установи каде што има вакви специјалисти, рече Филипче.

Филиче информираше дека утрово испратиле и барање до Стопанска комора за информација од секторот туризам, дали се очекува и дали имало организирани патувања за 8 Март и доколку имало кои се тие агенции, кога ги очекуваат да се вратат патниците.

Денеска или во текот на утрешниот ден ќе се направи контролниот тест на пациентката со корона вирус, па ќе се знае кога  ќе биде пуштена од Инфективната клиника. Утре поминува 14-дневниот карантин на нејзините сопатници, ќе се направи клинички преглед и интервју од епидемиолозите, врз основа на кои податоци ќе се одлучи дали ќе се направи тестирање или ќе се продолжи мерката за изолација, согласно нивната здравствена состојба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.