Поради зголемн број пациенти во ГОБ „8 Септември“ од синиќа се отворени нови два оддели за лекување на заразени со ковид-19. Во моментов во болницата се лекуваат 83 пациенти кои се позитивни на коронавирусот, а уште 10 чекаат резултати од тестирањето за ковид-19.

Синоќа отворивме уште два оддела за пациенти болни од ковид-19. Има 25 кревети. Болницата има капацитет, но потребен ни е уште персонал, вели за „Република“ директорот на ГОБ „8 Септември“ д-р Христијан Костов.

Претходната ноќ биле примени 15 нови пациенти, а завчера дури 22. Сите што доаѓаат се со тешка клиничка слика. Во моментов има осум оддели каде што се лекуваат болните од ковид-19. Целата болница има капацитет од 360 легла.

Шеснаесет медицински сестри и пет лекари специјалисти за интерна медицина од внатрешноста дојдоа на испомош на медицинскиот персонал.

Тие се сега на кратка обука за да се запознаат со протоколите и ќе влезат во системот на лекување на овие пациетни. Добивме и пет специјалисти по интерна медицина, тоа ни е малку, но преку Министерство за здравство имаме инфомрација дека ќе добиеме уште 6 специјалисти кои што ќе бидат активно вклучени во лекувањето и ќе бидат дел од нашиот тим кој што веќе три месеци се нон-стоп вклучени во лекувањето на овие пациенти. Но, тој број е мал, ни треба уште персонал. Како расте бројката така се прошируваат и капацитетите на болницата, нема стравови дека ќе дојде некој пациент и нема да биде примен, вели д-р Костов.

Вкупно тројца доктори, 10 медицински сестри, четворица болничари и двајца кои работат во логистика од ГОБ „8 Септември“ се заразени со ковид-19, а уште десетмина се во изолација. Се очекуваат нивните втори негативни тестови и на 18 јуни може да продолжат со работа.

Денеска уште не се соопштени официјалните податоци од Министерството за здравство во однос на бројот на новозаразени, починати и оздравени од ковид-19. Изминатиот викенд бројките беа поразителни, вчера починаа рекордни девет лица болни од ковид-19 што е најголем број во еден ден од кога почна пандемијата, а 162 беа новозаразени. До денеска претпладне бројот на заразени изнесува 4.057 пациенти од кои 1.710 се излечени, 188 се починати, а како активни случаи се водат 2.159 лица.

Во моментов во ГОБ „8 Септември“ 15 пациенти се на респираторна машина, а 60 тешко болни се на кислородна поддршка, информира д-р Костов.

Досега во ГОБ „8 Септември“ тројца пациенти се тргнати од респираторна машина, а 61 пациент е отпишан како оздравен. Меѓу нив 20 се излекувани со помош на озон-терапијата. Оваа терапија се применила кај тешко болни пациенти и за среќа, на крај, исходот бил позитивен.

Во ГОБ „8 Септември“ засега не се лекуваат пациенти со крвна плазма.

Испитувањата покажаа досега дека само три отсто од излекуваните пациенти имаат антитела на вирусот. Иако читаме и слушаме дека кај некои пациенти што го прележале коронавирусот, тој може да се врати по извесно време, кај нас таков случај уште не е забележан, изјави за „Република“ д-р Костов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.