Претстојната рунда разговори во дијалогот „Жан Моне“, што требаше да се одржи на 28 февруари и 1 март во Скопје, е откажана поради неможноста да се постигне меѓупартиски компромис, потврдија за МИА европратениците кои го олеснуваат процес.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн биле известени дека нема можност за одржување на новата предвидена рунда.
Тие не посочуваат која страна е одговорна за откажување на процесот.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ неодамна соопшти дека го суспендира учеството во процесот поради одлуката за притвор за нивни истакнати членови. Меѓутоа, од Европскиот парламент уверуваат дека процесот не е мртов.
Кукан и Флекенштајн ќе дојдат во Скопје в петок за да се сретнат со сите страни, надвор од форматот „Жан Моне“, но Вајгл не сака да учествува во такво нешто.
Истовремено, в четврток и петок, предвидено е делегација на комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, во која учествува Флекенштајн, да ги посети Тирана и Скопје за да го процени напредокот во двете земји во пресрет на одлуката на ЕУ за датум за преговори.
Седуммина европратеници, предводени од Туне Келам од Европската народна партија, ЕПП, ќе се сретнат со претставници на владите и опозицијата во двете земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.