Владата и претставниците на средношколците ќе соработуваат на усовршување и најдобра имплементација на моделот според кој ќе се организира и спроведува наставата во основното и средното образование во услови на Ковид-19, соопштија од Владата по денешната средба со делегација на Сојузот на средношколци, предводена од претседателот на сојузот, Бленди Ходаи.
Министерот за здравство Филипче ги покани средношколците да присуствуваат на состанок на Комисија за заразни болести на кој детално ќе се запознаат со состојбата со Ковид-19, но и за мерките за заштита од заразата кои се во интерес на заштитата на јавното здравје.
Моделот за комбинирано организирање на наставата онлајн со алатки за интернет комуникација и со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение во основното образование и со одредени други исклучоци каде што тоа е безбедно од здравствен аспект, беше истакнато на средбата, е прифатен како модел кој во најголема мерка ги намалува ризиците за здравјето на учениците и наставниците, стои во владиното соопштение по средбата со средношколците.
Средношколците бараат комбиниран модел на настава. Вчера обвинија дека надлежните три месеци не направиле ништо за подобрување на онлајн наставата, но и за безбедно враќање во училишните клупи, а тврдат и дека не биле вклучени во носењето на одлуките.
Од Сојузот на средношколци најавија бојкот на наставата или протест, конечната одлука ќе ја донесе в сабота за кога е закажан состанок на претставници од 17 градови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.