И по скоро три недели од трагедијата во Тетово, во која 14 пациенти загинаа во пожарот во модуларната болница, од истрагата нема никакви детали, со што шансите да се лоцира каде е пропустот се сè помали и поневеројатни.

Она што со сигурност може да се потврди е дека во објектот немало противпожарни апарти, нешто што се забележа веднаш бидејќи целата модуларна болница изгоре за три минути, а немаше со што некој да се обиде да го гасне пожарот.

Сега, преку Дописот испратен од Заедничките служби до Клиниките од пред една недела се покажа дека и зградата на хируршки клиники во рамки на кампусот клиники „Мајка Тереза“ нема противпожарен систем, односно со реновирањето се нарушени сите безбедносни мерки.

Првиот човек на заедничките служби на Клинички, Меџит Асани ги извести дека по деттален преглед на ПП заштитата утврдено е дека стариот систем за дојава на пожар е вон употреба поради реновирање на Клиниките, односно дека се скинати сите кабли.

Поради оваа состојба ве известуваме да си набавите нов дојавен систем за пожари за во иднина да не би доѓло до девијантни појави и настанување на пожар, се вели во дописот од директорот на заеднички служби, Асани до Хируршки клиники.

Во однос на модуларните болници единствено нешто што е јасно до сега е тоа што за да се постават сите модуларни болници направени се измени во Законот за градење. Во Законот има три столба кои се значајни, првиот е одобрение за градба, вториот е категоризација на градба, прва и втора категорија, третиот столб е употребна дозвола. До сега имаше прва и втора категорија на објекти. За да се изградат модуларните болници се донесоа измени на Законот за градење со кои се заобиколуваат сите институции и се формира нова градба која се нарекува модуларна или монтажно демонтажна градба. Оттука за овие објекти нема потреба од одобрение за градба, туку решение за поставување, односно за тоа кои документи се потребни за ова се вели ќе се дефинира со правилник за кој е одговорен минситерот за здравство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.