Министерот за здравство, Венко Филипче не само што не набави вакцини, туку ги промаши и приоритетите на групите граѓани за вакцинирање. Министерот вчера информираше дека од среда ќе почне вакцинацијата на граѓаните над 75 години со вакцините на Астра зенека кои во неделата пристигнаа во Македонија преку КОВАКС механизмот.

Масовната имунизација ќе почне во спортскиот центар Борис Трајковски. Од денес започнуваат подготовките и во текот на неделава ќе бидат спремни. Пријавени се 20.000 граѓани кои сега ќе ја примат првата доза, секако по консултација со матичните лекари. Втората доза од Астра зенека ќе ја примат за 3 месеци и за ревакцинацијата ќе има обезбедено вакцини – изјави Филипче.

Но групи граѓани и разни синдикати и комори се погласно реагираат на безидејноста на министерот и неговите промашени приоритети при имунизацијата. Луѓето што се во контакт или извршуваат работни задачи во контакт со поголем број на граѓани реагираат на промашените приоритети на министерот Филипче и чарето за вакцинирање против Ковид-19, почнаа да го бараат во соседните земји.

Бизнисмените, синдикати, поединечни граѓани се организираат и одат да примат вакцини во Србија, последни кои денеска се јавија со реакција се СОНК.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК во текот на вчерашниот ден испрати писмо до Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Министерството за култура со Барање за вработените во детските градинки, образование и културата во ек на пандемија од Ковид-19 да се стават во приоритетна листа за вакцинирање.

СОНК цени дека вработените во овие дејности коишто се со физичко присуство на своите работни места и се во постојан непосреден контакт со луѓе, заради заштита на сопственото здравје и ширење на вирусот, потребно е да бидат на оваа приоритетна листа, особено заради важноста на дејностите во коишто работат, стои во писмото.

На почетокот на февруари месец, министерот Филипче преку прес конференција бомбастично го престави планот за имунизација на населението против Ковид-19 и ги претстави приоритетните категории за вакцинирање, во првата фаза за вакцинирање изостави добар дел од здравствените работници и категории на граѓани.

Бизнис секторот преку стопанските комори организираа вакцинирање на бизнисмените и нивните вработени во Србија изминатата недела. Порани недостиг на вакцини и добро разработен план и стратегија за вакцинирање во соседна Србија се организираа и новинарите. Полицискиот синдикат и ветеринарите исто така најавија дека и тие организирано ќе одат, исто така, во соседна Србија да се имунизираат против Ковид-19.

Освен организирани во големи групи и синдикати изминатиот викенд бевме сведоци како илјадници македонски граѓани ја преминаа границата и отидо во соседната земја да го бараат чарето против корона вирусот и таму се вакцинираат со вакцината на АстраЗенека.

Имено, колку за споредба, колку нашите здравствени власти ги испомешаа приоритетите на групите граѓани кои треба да бидат имунизирани, ќе наведеме како одеше имунизацијата во соседна Албанија. Процесот на имунизација таму почна на 11 јануари при што заедно со вакцинирањето на здравствените работници се имунизираа и старите лица над 80 години. Веднаш штом заврши вакцинирањето на здравствениот персонал, Албанија започна со имунизација на наставниците и професорите по универзитетите, така што сега откако минатата недела им стигна пратката од околу 200 илјади дози кинески вакцини, почна со масовна имунизација и на населението. На првиот ден од масовната имунизација, кој беше завчера, се вакцинираа околу 11 илјади и 500 граѓани, а до сега има вкупно вакцинира 78 илјади лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.