Пред да биде донесен Законот за попис, предлогот на опозицијата за користење на терминали за отпечатоци од прсти за пописот беше оценет како добар и применлив како од експертите така и од самиот премиер Зоран Заев и од претседателот на државата Стево Пендаровски кој рече дека не гледа ништо лошо во тоа пописот да биде и со отпечаток од прст, но мнозинството од непознати причини одлучи да не се применува ваквиот метод и го донесе законот без да се прифати ниту еден предлог на опозицијата и без консензус иако е значаен процес за државата.
Овој предлог кој ќе го направеше кредибилен пописот беше лесно применлив затоа што ваквите терминали секако ќе требаше да се набават за локалните избори бидејќи се дел од измените во Изборниот законик кои беа донесени лани, но по се изгледа дека актуелното мнозинство сака повторно да ја избегне употребата на скенери за читање на отисоци од прсти со што се отвораат сомнежи и можност за злоупотреби на изборниот процес.
Иако времето е кратко Министерството за финансии очигледно го одолговлекува овој процес. После две недели откако е доставено барањето за одобрување средства за набавка на ваквите скенери дури вчера, од ова министерство ДИК доби нејасен одговор дека доколку Државната изборна комисија е во можност да ги спроведе изборите тогаш ќе се одобрат, а ова автоматски подразбира дека ДИК треба повторно да достави барање и повторно да чека одговор.
Со ваквите опструкции тешко ќе може да се набават ваквите скенери, бидејќи како што изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски, ова е последниот месец во кој може да почне постапката за набавка на овие скенери.
Мора да има избори. Барани се средства за опремата уште од септември минатата година. Јас кога дојдов тоа го видов, одлуката на претседателот на ДИК со која бара од буџетот да се пронајдат средства, меѓутоа такви средства не се предвидени. После тоа, на првата седница на ДИК се донесе одлука да се побараат средства. За таа одлука чекавме две недели и денеска добивме одговор дека доколку ДИК е во можност да ги спроведе изборите, тогаш ќе се одобрат средства што за мене е нејасна одлука – рече Даштевски во гостување во Дневникот на Сител.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.