Владата сè уште не ја разгледала оставката на директорот на Истражниот затвор во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски. Поднесената осткавка на Котевски беше констатирана на 123. седница, но остана да биде разгледана по завршувањето на претседателските избори, како што кажаа од владината прес-служба во февруари – штом заврши забраната за разрешување и именување согласно Изборниот законик.
Изборите поминаа, но оставката на директорот не се најде на дневниот ред, ни потврди портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
Оставката не беше разгледана на вчерашната седница, а дневниот ред за следната сè уште не е утврден, изјави за „Република“ Бошњаковски.
Утрово го контактиравме и директорот Котевски, но тој рече дека е на состанок и дека ќе ни одговори на прашањето подоцна. Но, до моментот на објавување на текстот, тој не се одзва на нашите повици.
Котевски поднесе оставка до Владата на 25 февруари, четири дена по настаните кои резултираа со физички пресметки во затворот, а во кои беа нападнати притворените поранешни министри, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески.
Покрај преземената одговорност од професионален и морален аспект, директорот подготви извештај за случувањата во затворот на 21 февруари во кој се констатирани пропусти и прекршувања на протоколите за работа од страна на службата за обезбебедување, соопштија тогаш од Истражниот затвор „Скопје“.
Како резултат на пропустите, како што е посочено, бил овозможен првиот вербален и физички инцидент, а подоцна не бил спречен вториот вербален и физички инцидент, иако постоеле можности за превенција.
Покрај оставката на директорот, согласно констататираните наоди во извештајот, покренати се дисциплински постапки за инволвирани лица кои ги прекршиле протоколите за работа.
Извештајот беше доставен до Управата за извршување на санкции, до Министерството за правда и до Владата за натамошно постапување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.