Актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски најверојатно ќе биде претседател на техничката влада, откако сегашниот премиер Зоран Заев ќе поднесе оставка, што, според најавите, треба да се реализира до 3 јануари.
Според неофицијални информации од вечерашното заседание на Извршниот одбор на СДСМ, во техничката влада би останала и досегашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, но како вицепремиерка за економски прашања, односно на местото на Кочо Анѓушев, кој исто така си заминува на 3 јануари.
Овие решенија, според информациите, биле разгледувани на седницата на Извршниот одбор, кој заседаваше пред Централниот одбор, кој треба да ги донесе конечните одлуки и чија седница е во тек.
Заев изјави денеска дека неговата оставка е подготвена и чека само на потпис. Рече и дека има фаворит за технички премиер, но дека нема да го кажува неговото име пред предлогот вечерва да помине низ партиските тела. Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе се сретнат утре за да разговараат за кадровските решенија за новата техничка влада.
Заев денеска изрази задоволство од најавите дека парламентот до Нова година ќе ги донесе сите закони кои стапуваат на сила од 1 јануари. Нагласи дека ако пратениците си стојат на зборот нема да има потреба од одложување на изборите.
На 3 јануари јас ќе ја поднесам мојата оставка и верувам дека истиот ден ќе може да се даде мандатот на новиот претседател на владата за да може истиот ден да се избере и да ги запазиме роковите. Оставката е подготвена чека на потпишување, рече Заев.
За утрешната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека таа е на барање на Мицкоски, бидејќи тоа е согласно со Законот за Влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.