Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, информира дека на денешната седница Владата донесе неколку одлуки што се од голема важност за заштита на природата во нашата држава.

Донесена е одлука за прогласување дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел поради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, природни убавини, како и поради зачувување на специфичната интеракција на луѓето и природата.

Вкупната површина на заштитниот предел – Осоговските Планини изнесува 48.807,16 хектари, a ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“.

На оваа седница Владата донесе и одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природа и одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата заштитен предел, со што МЖСПП ќе може да ги почне постапките за прогласување во согласност со законските процедури.

Исто така, министерот Нуредини информира дека Владата го разгледа и прифати апликационото досие (РИС) за номинирање на Охридското Езеро за рамсар-место во Светската рамсар-листа. Рамсарската конвенција е потпишана од 170 земји, а Рамсарската листа брои 2.300 заштитени подрачја од меѓународна важност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.