Прашање е на државите дали ќе го прифатат или не нашиот аргумент и нашето известување за пролонгирање на важноста на пасошите чиј рок е истечен, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, на прес конференција во Охрид, одговарајќи на новинарско прашање.

„Имаме различни искуства. Добивам информции од нашите дипломатско конзуларни претставништва дека некои држави сепак бараат рокот да стои во пасошот. Меѓутоа, се обидуваме, разговараме“, рече Османи додавајќи дека со олабавување на пандемијата се создаваат можности екипите на МНР да ги фотографираат граѓаните во странство и да ги обезбедат пасошите.

„Ова беше обид да олесниме каде што можеме, меѓутоа тоа не значи дека ќе ги реши сите проблеми“, рече Османи, одговарајќи на прашањето по повод стапување во сила на законските измени со кои рокот на важење на пасошите со изминат рок е продолжен до крајот на годинава.

„Заради пандемијата многу граѓани не беа во можност да дојдат во земјава и да ги обноват своите пасоши. Во некои држави не можеа да одат ниту нашите екипи кои што тоа го прават според годишниот план на МНР. На пример, во НР Кина, не можевме да пратиме екипа заради тоа што имаше 30 дена карантин и беше невозможно тоа да го изведеме. Беа оставени десетици граѓани кои имаа истечени пасоши“, објасни Османи.
Тој рече дека идејата која ила преточена во закон не гарантира целосен успех. Првично тоа беше направено преку владина уредба во екот на пандемијата, а сега е направено преку Собранието, со што пасошите кои што се истечени на 31 јуни се валидни до 31 декември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.