Во продолжение на работната посета на Германија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи,оствари средба со Михаел Рот, државен министер за Европа во германското МНР.

Османи ја потенцираше важноста од имплементација на одлуката на советот на ЕУ од март минатата година,како важен услов за задржување на европскиот кредибилитет во регионот, особено кредибилитетот на процесот на проширување. Во оваа насока Османи нагласи:

Охрабрува фактот што во рамките на претседавачкото трио, Германија ја задржува својата проактивна улога во поддршка на португалското претседателство, за закружување на процесот на обединување на Европа, како заеднички европски интерес. Велам заокружување затоа што Македонија, па и воопшто регионот на Западниот Балкан не се наоѓа на периферијата од Европа, туку во срцето на Европа, опкружени единствено, и само со земји – членки на ЕУ. Ваквиот чекор ќе упати неопходно охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти европскиот кредибилитет во целост“.

На средбата со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на канцеларката Меркел, фокусот повторно беше ставен на реафирмација на германската поддршка за нашите европски перспективи, но беа отворени прашања и за други форми на соработка со цел развој на севкупните односи меѓу двете земји.

Агендата на Османи во Берлин содржеше средби со повеќе значајни соговорници и во таа насока министерот се сретна со Забине Штер, ополномоштеник за ЕУ политики и Сузане Шуц, директорка за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, во МНР на Германија.

Посетата на Германија беше искористена и за средби во Бундестагот каде што Османи се сретна со Гинтер Крихбаум, претседател на Комитетот за европски прашања и со Мануел Сарацин, на кои беше разговарано за билатералната соработка меѓу двете земји, при што беше укажано дека реализацијата на реформите во Република  Македонија се, пред сѐ, за бенефит на самите граѓани и трансформација на земјата во кредибилна европска демократија. Заеднички беше потврдено дека Македонија испорача и дека нашата држава заслужува да го почне процесот на преговори и трансформација со цел членство во ЕУ.

Работната посета на Берлин на шефот на дипломатијата Османи е дел од неговата дипломатска турнеја низ земјите членки на Европската унија. Реафирмираната поддршка од страна на Германија е позитивниот исход од оваа посета и значаен поттик за државата во оваа насока. Веќе утре Османи патува за Копенхаген на средба со неговиот хомолог, министерот Јепе Кофод.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.