Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во врска со можноста од Првата меѓународна конференција во рамките на Преспа форумот за дијалог да произлезат некакви нови можни решенија, порача дека предлогот на португалското претседателство, на кој сега ќе работи Словенија, која од вчера претседава со Европската Унија е единствениот се уште жив и валиден предлог за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија.
Немавме отворено отфрлување од страна на Република Бугарија и затоа го сметаме како единствениот се уште жив и валиден предлог којшто сега се пренесува на новото претседателство. Се разбира, претседателството е тоа што ќе утврди пристап како ќе пристапат двете земји и како ќе го отвори тој дијалог. Меѓутоа, од разговорите што ги имав со мојот колега министерот Логар е дека словенечкото претседателство активно ќе се преокупира со ова прашање со цел да има успех којшто би се крунисал на Самитот којшто го организира Словенија на 6 октомври – истакна шефот на дипломатијата.
Тој објасни дека предлогот на португалското претседателство, во делот што се однесува на јазикот, е тоа прашање да се реши со две унилатерални изјави, и на Македонија и на Бугарија.
Од Македонија се очекува само да се потврди фактот дека јазикот е кодифициран во 1945 година, без други формулации. Додека на самата меѓувладина конференција Бугарија би дала своја унилатерална изјава со свои погледи кон јазикот и ние би имале наша еднострана унилатерална изјава, а ЕУ само ќе забележи дека има две унилатерални изјави, односно два различни става во однос на тој процес – изјави Османи.
Тој информира дека разговарал со неговиот португалски колега Аугусто Сантош Силва во однос на изјавата на португалската министерка за европски прашања Ана Паула Закариаш, во која таа тврди дека во минатото македонскиот јазик бил дел од бугарскиот. Османи вели дека Силва изразил жалење на начинот на кој што била формулирана изјавата и ја реафирмирал позицијата на Португалија дека нивниот став и по однос на јазикот и по однос на сите други прашања што се дел од спорот со Бугарија остануваат само тие што ги има во пишаниот документ како предлог што тие го доставиле на маса во Скопје и во Софија, но и пред земјите членки и оти нема никаква дилема во тој дел.
Тоа што можам да кажам е дека португалското претседателство успеа да докаже дека решение постои, дека решението е тука само треба повеќе напори и повеќе разговори, повеќе дијалог, повеќе разбирање на едните и другите за да се дојде до тоа решение – изјави Османи.
Министерот за правда Бојан Маричиќ за медиумите на прес-конференција на Преспа форумот изјави дека идејата на унилатералните изјави за некои прашања вклучувајќи го и јазикот, е токму тоа да се укаже дека двете страни имаат различни ставови по одредени прашања, па и тоа за јазикот. Тој повтори дека македонската страна јасно и недвосмислено кажала и во тие изјави и во други дека нашиот јазик постои и пред кодификацијата во 45-та, а декларација е само предмет на разговори.
Ние од нашата позиција не можеме да отстапиме, за нас е многу важно во рамките на законодавството на ЕУ и во преговарачката рамка да остане формулацијата дека правото на ЕУ се преведува на македонски јазик и во контекст на тоа немаме проблем доколку дадеме унилатерална изјава во која ќе се изнесат факти, но исто така со тоа не признаваме и не знам која е точната формулација, до крај, меѓутоа во никој случај немаме право ниту можност да признаеме дека македонскиот јазик постои од 1945 година. Сигурно дека постои претходно, а е кодификуван 45-та и тоа е прашање на факт – изјави Маричиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.