Министерот за надворешни работи и висок функционер во ДУИ, Бујар Османи, истакна дека ДУИ бла целосно информирана за разговорите на премиерот Зоран Заев со Африм Гаши за влезот на Алтернатива во Владата.
Премиерот Заев разговорите со политичката партија Алтернатива ги вршеше во име на коалицијата. Така што ние бевме целосно информирани и координирани за разговорите што ги водеше премиерот Заев со политичките партии – изјави Османи по прес-конференцијата со заменик – помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, одговарајќи на новинарско прашање дали ДУИ била запознаена за големиот број на функции кои ги добива Алтернатива со договорот да стане дел од Владата и парламентарното мнозинство.
Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши вчера во Клубот на пратениците ја потпишаa програмата за заедничко дејствување и приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.
Со договорот Алтернатива треба да назначи министер за здравство, министер за МИОА и министер без ресор задолжен за дијаспората, како и три заменици-министри, од кои еден во МОН, еден во Министерството за култура, а за третиот ресор останува дополнително да се прецизира, иако било разговарано за заменик министер за земјоделство.
Алтернатива може да биде вклучена и во менаџирање на управувачките раководните органи во повеќе институции на централно и на подрачно ниво меѓу кои МЕПСО, ФЗОМ, Железници и Транспорт, Клинички центар – Тетово и Агенцијата за странски инвестиции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.