Истрагата за автобуската несреќа има врвен приоритет кај бугарското Обвинителство и се работи на тоа што побрзо да излезат со резултати од самата истрага, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата во Софија со бугарскиот главен обвинител надлежен за истрагата, додавајќи дека шпекулациите во врска со овој случај на помагаат во истражната постапка.
Османи во изјава за медиумите нагласи дека на средбата со обвинтелот станало збор за деталите околу идентификацијата и било договорено да се забрза постапката за собирање на биолошки материјал од роднините на починатите во Скопје, постапка која што МНР веќе ја прави и очекува да се заокружи со цел да почне процесот на идентификација, во кој процес активно се вклучени и нашите експерти. Самата постака на идентификација на загинатите, посочи шефот на дипломатијата, се очекува да трае најмалку седум дена.
Процесот на идентификација врз основа на ДНК материјали ќе трае седум дена и тоа е важно за семејствата, важно е за државата во доменот на планирањето. Сакам уште еднаш да им се извинам на семејствата што не можевме да им дадеме и се уште не можеме да им дадеме индивидуални информации по однос на починатите, бидејќи мораме да го почекаме процесот на идентификацијата. Но, ги замолив денеска да се вратат во Скопје, бидејќи сепак ќе треба седум дена најмалку за да се заврши тој процес. И откако ќе заврши идентификацијата на сите тела, тогаш МНР, односно државата, ќе ги преземе телата и ќе организира транспорт со погребални возила во Скопје и потоа од Скопје ќе можат да ги подигнат семејствата, рече Османи пред влезот на Главниот суд во Софија.
На средбата со истражниот обвинител станало збор и за истрагата за автобуската несреќа, но и за шпекулациите коишто ги има во јавноста. При тоа било нагласено дека шпекулациите не помагаат на истрагата, дека се штетни, неточни и дека не се произлезени на никој начин од страна на самата истрага и од обвинителите, туку дека допрва ќе треба тој процес да заврши.
Во оваа фаза не можам да споделам се, меѓутоа е важно дека шпекулациите коишто ги има во јавноста се неточни, дека не треба да се продолжи со овој тренд на шпекулирање во однос на причините, бидејќи ја влошува и така тешката емоционална состојба на семејствата, меѓутоа и ја одлага самата истрага, рече Османи прашан да сподели детали од разговворот за несреќата.
Извршен е разговор и со преживеаните коишто се во болницата, а во истрагата се вклучени и нашите обвинители кои вчера биле на самото место, а во текот на денот разменувале информации и ќе продолжат да разменуваат.
Добив впечаток дека е даден врвен приоритет овде во Обвинителството во Бугарија на оваа истрага и дека сериозно се зафатени што побрзо да излезат со резултати затоа што и тие се свесни прво, колку е важно брзо да заврши идентификацијата, телата да бидат предадени на семејствата и второ, да се дадат конечните анализи за самата истрага, подвлече Османи.
Од страна на бугарското Јавно обвинителство, појасни Османи, е побарано разбирање, бидејќи овој процес е сложен и мора да биде соодветно процесуиран за да може резултатите да бидат објективни.
Според шефот на дипломатијата, ДНК анализата ќе се врши во Бугарија, но се работи на тоа дел од примероците се земаат од секој починат и во Скопје за дополнителна истрага.
Институциите се во блиска комуникација, во отворена соработка, ги разменуваат сите податоци по однос на оваа трагедија, додаде Османи.
Тој информира дека посетата е дозволена на дел од повредените кои се хоспитализирани во болницата во Софија, но не и на оние кои биле подложени на оперативен зафат, што претставува исклучок, бидејќи поради ковид-пандемијата во Бугарија има забрана за посета во болниците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.