Треба да почекаме да заврши процесот за „Диво Насеље“, кој моментално е пред Врховниот суд во Македонија, изјави денеска претседателката на Косово, Вјоса Османи, посочувајќи дека Република Косово ќе даде целосна поддршка во случај на меѓународна истрага и вклучување на надворешни експерти за да се откријат сите околности кои што се однесуваат на овој случај.

Одговарајќи на новинарско прашање за предметот „Диво Насеље“, Османи рече дека „сè што ќе каже, би биле политички изјави, што не помагаат за случајот, кој што е во судска постапка“.

Мислам дека треба да почекаме да заврши процесот и понатаму да се откријат сите околности кои што се однесуваат на овој случај. Но, моментално случајот е во високиот суд и откако ќе донесе одлука и ќе бидат завршени сите правни лекови внатре во Македонија. Но, ние видовме дека и самиот премиер Заев кажа дека бил подготвен да има меѓународна истрага, како и вклучување на надворешни експерти за да ги разгледаат тие докази и во овој случај, Република Косово ќе даде целосна поддршка и се надевам дека сорботката, што постои моментално меѓу двете министерства за правда ќе оди чекор напред за овие прашања да се дискутира на институционален начин, изјави Османи, на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски.

Одбраната на обвинетите за случајот „Диво Насеље“ во јули годинава, на јавна седница пред Врховниот суд во Скопје побара укинување на пресудата и случајот да се врати на повторно судење или таа да се преиначи во ослободителна, поради, како што образложи „уштествени повреди на кривичната постапка пред првостепениот и второстепениот суд, погрешно утврдената фактичка состојба и повреда на кривичниот законик“.

За настаните во „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „терористичка организација” и „тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Случајот подоцна се спои со „Молња“ во кој се водеше постапка против осум лица помагачи на вооружената група од „Диво насеље“, со што бројот на обвинети се зголеми на вкупно 37.

Основниот кривичен суд во ноември 2017 ја објави првостепената пресуда, а Апелација ја потврди во јули 2019 година. Од 37 обвинети за „тероризам“ и „терористичка организација“, 33 лица беа осудени за делата (седум на доживотна казна затвор, а останатите 26 лица на казни затвор од 12 до 40 години), а за четири лица е донесена ослободителна пресуда.

Во престрелка во мај 2015 година во кумановската населба Диво Насеље, животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, а беа убиени и десет членови на вооружената група.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.