Јунскиот самит на лидерите на земјите членки на ЕУ е фокусот на дипломатските и политичките напори на Скопје да обезбеди поддршка од Софија за одржување на првата меѓувладина конференција и формален старт на пристапните преговори. Во прилог одат и заедничкото патување и посета на Рим и Ватикан на претседателите на двете земји Стево Пендаровски и Румен Радев минатата недела, како и најавените погранични средби кои оваа седмица треба да ги одржат премиерите и министрите за надворешни работи во контекст на бугарска донација за вакцини против Ковид-19.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи очекува во наредните денови да има таква средба и на ниво на премиери и на ниво на министри со цел да се договори една динамика да може да се адресираат прашањата коишто ја засегаат бугарската страна, а се во рамки и на предлогот на Португалското претседателство. Тој останува на ставот дека јуни ќе биде клучен за процесот, независно што, вели, не сака да ги подига очекувањата на граѓаните.

– Тоа е комплексен процес којшто не зависи веќе од нас. Нашето е до исполнување на критериумите. Критериумите се исполнети сега очигледно процесот зависи од многу динамики во земјите членки, но нашиот ментален пристап, нашиот работен пристап е да работиме за јуни како да е единствена шанса за изнаоѓање на решение, иако имам лично чувство дека во наредните две години, јуни е најдобрата шанса. Овие две недели ќе имаме контакти на политичко ниво, потоа на дипломатско ниво, да се обидеме да ги адресираме прашањата коишто се појавија како пречка во овој период, образложи Османи



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.