Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во емисијата „24 анализа“ на ТВ24 говореше за актуелната политичка состојба и за случувањата помеѓу Македонија и Бугарија.

Османи посочи дека сè уште има големи очекувања дека Македонија наскоро ќе ги почне преговорите со Европската Унија.

Денеска се водела тешка дебата, но направиле компромис да остане барањето. Очекуваме земјава веднаш да ги почне преговорите штом се усвои преговарачката рамка. За првпат Бугарија не можеше да најде вина во Македонија. Во денешната дебата во Брисел немаше прашање по однос на погрешната интерпретација на историјата, туку имаше наметнување од страна на словенечкото претседателство да се одреди рок до крајот на годината – изјави Османи.

Тој вели дека македонската позиција е принципиелна и многу земји-членки на ЕУ ја поддржуваат.

Бугарија има право на вето, а во однос на ставот на новиот бугарски премиер Кирил Петков, спорна е временската рамка. Шест месеци е предолг период во контекст во кој се наоѓа регионот. Има многу отворени прашања. Сметам дека тој период не ни одговара. Треба да седнеме со Петков и да разговараме што значи тој период. Нема потреба целиот регион да се држи во заложништво – изјави Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.