Европската комисија го заклучи текстот на преговарачката рамка и го предаде на Советот на ЕУ. Ова е само нацрт верзија и моето очекување е до октомври да биде прифатен финалниот текст. Добро е што ова се случува во време на германското претседателство кои се големи поддржувачи на нашиот европски пат, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на прес – конференција пред Секретаријатот за европски прашања.
Се работи за нацрт верзија, посочи Османи, што е основа врз која земјите членки ќе ги изнесат своите национални позиции и потоа рамката ќе се носи со консензус.
– Со тоа ќе се добие финалната позиција на ЕУ за содржината на преговарачаката рамка, по што ќе може да се закаже и првата меѓувладина седница, што претставува и формален старт на преговорите за полноправно членство во унијата, истакна Османи.
Османи, појасни дека со новите механизми на преговарачкиот процес, брзината и напредокот ќе зависи од самите нас, како и дека ЕК ќе има механизами да го препознае и намали пристапот до ЕУ фондовите доколку има застој.
– Очекувано како услови за напредок се Копенхашките критериуми, но исто така и регионалната соработка и добрососедските односи. Во драфт рамката директно се посочени билатералните договори со Грција и Бугарија, за кои се очекува видливи резултати при нивната имплементација, изјави Османи.
Согласно новата методологија како особено важни Османи ги посочи трите клаузули – суспензивната клаузула, клаузулата за дисбаланс и клаузулата за реверзибилност.
– Со овие нови инструменти во текот на преговорите на ЕУ и се става можност доколку се констатира дека земјата не напредува во преговорите со задоволително темпо, стагнира или назадува да го стопира процесот на преговори, да го врати повторно назад преку враќање на некои веќе поминати бенџмаркови, па дури и да отвори веќе затворени поглавја или кластери. Прецизно овие т.н. казнени инструменти или клаузули, Европската комисија ќе може да ги активира по свое видување или на барање на една земја членка. Европскиот совет може да го одбие само со реверзно квалификувано мнозинство, што значи дека најмалку две третини од земјите треба да бидат против активирање на овој казнен механизам за да не се прифати предлогот на Комисијата или на една земја членка, појасни Османи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.