Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, изјави дека сите членки на владината коалиција, на координативната средба кај премиерот Зоран Заев во понеделникот, потврдиле дека силно ги поддржуваат сегашното парламентарно мнозинство и Влада и не се подготвени да поддржат нешто друго.

Секој потврди дека силно го поддржува ова парламентарно мнозинство и оваа Влада и на ниеден начин не се подготвени да поддржат друго парламентарно мнозинство и оваа се потврди таму на средбата. Имаше дилеми, доколку има промена, доколку премиерот се повлече и дојде некој друг, но за ова парламентарно мнозинство немаше апсолутно дилема – изјави Османи во гостување на Алсат-М.

Тој нагласи дека смета оти нема да има предвремени избори, додавајќи дека ниту граѓаните, ниту државата немаат потреба од нешто такво.

Треба прво да ги завршиме овие предизвици во кои се наоѓаме, па потоа може да зборуваме за политички натпревар. На евентуални, хипотетички избори, било да се тие предвремени или редовни, граѓаните ќе одлучат кој ќе ги застапува – додаде Османи.

Според него, најавената оставка на премиерот поставила нов етички стандард во политика, што има рефлексија и во регионот.

Но, мислам дека не е момент за поставување на стандарди и етика. Имаме пореални проблеми со посериозни последици од етаблирање на етички стандарди. Ја ценам и почитувам одлуката, но не е момент за таква одлука. Тоа е нашиот став, но и како министер за надворешни работи го делам ставот на МНР дека државата има потреба од предвидливост и стабилност, особено следните месеци – истакна Османи.

Тој потенцира дека актуелната Влада е формирана врз основа на политички договор направен пред една година и било непотребно, избрзано и погрешно, како што рече, претворањето на локалните избори во референдум.

Според него, во моментов е потребна рационалност и издигнување над емоциите и лични ставови, бидејќи некои одлуки може да ја донесат судбината на сите граѓани под знак прашалник.

Премиерот има одговорност за договорот постигнат со коалициските партнери и треба да останеме доследни на тој договор. Тоа што мислам дека ги интересира граѓаните е кој е интересот на државата и нивниот интерес за тоа дали треба да имаме дестабилизација во Владата во услови кога е јасно дека опозицијата не е подготвена, а ниту ги има бројките, ниту има политичка волја за да го преземе управувањето во услови на криза. Не може секој да се носи со овие кризи и важни можности, но и во услови кога алтернативата на премиерот Заев е несигурна. Мислам дека во моментот нема друга личност која толку брзо ќе може да создаде единство, било внатрепартиско, било внатре во коалицијата. Тоа што може да се направи е премиерот да го почне процесот на избори внатре во партијата и тогаш ако евентуално биде избран некој друг претседател, тогаш може да ја преземе и премиерската функција. Но, ние треба да ги одвоиме овие одговорности, партиската за која ние не сме овластени да коментираме и таа во Владата која е заеднички интерес и треба да видиме дали ова и е потребно на државата – вели Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.