Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека и во наредните три дена  продолжуваат разговорите за приближување на позициите со бугарската страна во пресрет на Советот за општи работи на ЕУ на 17 ноември.

Разговаравме во однос на позициите на двете држави, кои се можните приближување.
Постигнавме доста напредок во многу прашања, дури би рекол 7-8 кои се сензитивни за едната или другата страна, меѓутоа дали е тоа доволно за да се деблокира процесот не можам да кажам, пред нас сè уште три дена. Како што реков ќе работиме во неколку наврати до последниот момент да аргументираме дека процесот на европските интеграции не е важен само за Македонија, туку и за Бугарија и за сите членки на ЕУ, пред сè и за кредибилитетот на Унијата и за регионалната динамика. Меѓутоа, се разбира треба да се сретнеме некаде во овие позиции во рамки на тоа што може да се разговара – изјави денеска шефот на Македонката дипломатија.

Според него постигнат бил напредок околу краткото име на државата „Северна Македонија“, за кое уште еднаш нагласи дека не претставува референца кон историскиот регион Македонија туку кон државата во денешните граници.
Постигнат е напредок и во прашањата по однос на рехабилитацијата на жртвите од комунизмот, како и околу економската соработка односно создавање акциски планови за инфраструктурно поврзување.

Мислам дека со тоа на некој начин се постигнуваат заеднички позиции до таму каде што можат, но не можам да предвидам дали тоа ќе биде доволно да се поддржи европскиот процес понатаму. Сепак, тоа не зависи од нас, направивме сè што е во наша моќ, имаме одличен извештај од ЕК која не оценува како најдобри кандидати во регионот – рече Османи.

Во однос на јазикот, пак, рече дека не е разговарано, освен за можноста за издвоено мислење на Бугарија.
Министерот оцени дека никој не може да очекува дека во три дена ќе се надминат разликите што траат со децении помеѓу двете држави, туку, појасни, враќањето на довербата во процесот почнат во 2017 година дава резултат.
Тој рече и дека не може да предвиди што ќе бидат одлуките на Советот за општи работи во вторник.

 Бидејќи во моментот нема договор, не можам да предвидам дали ќе има договор до вторник кога ќе се организира конференцијата – рече Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.