Прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртви на комунизмот, на работата на историската комисија, прашањето на немешање во внатрешните работи на Република Бугарија на кое што се надоврзува и прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот, се петте точки кои се постојана тема на разговорите со Бугарија и во рамки на обидот за одржување на меѓувладината комисија и надминување на спорот со цел деблокирање на пристапните преговори за земјава. Барањето за вклучување на бугарската заедница во Уставот не е спротивно на нашите интереси, бидејќи земјава никогаш немала проблем да признае различни етнички групи кои имаат можност да ги манифестираат своите идентитетски, културни, историски атрибути, па ниту на бугарската заедница во Република Македонија.
Ова го истакна денеска на прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање во врска со патоказот со пет плус едно прашање, кој како можно решение за спорот вчера на самитот во Брдо беше споменат и од високите претставници на Унијата. Патоказот би требало да биде готов до почетокот на ноември, а во него би имало решенија кои треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес.
-Сметам дека Бугарија се поместува од првичната нерационална позиција за еден народ во две држави во позиција во која што велат има една бугарска заедница со свој идентитетски и културни атрибути од таа на мнозинската заедница. Македонија никогаш немала проблем да признае различни етнички групи кои имаат можност да ги манифестираат своите идентитетски, културни, историски атрибути, па ниту на бугарската заедница во Република Македонија. Така што, самиот факт што заедно со другите заедници – македонската, албанската, турската се бара како посебна да се вклучи и бугарската заедница е на линија на ставот дека во РСМ постојат различни етнички заедници кои имаат право да ги искажат своите атрибути, меѓутоа тоа ќе се случи како што кажа и премиерот во моментот кога ќе се отвори Уставот заради членство во ЕУ. Ние немаме никаков проблем да ја вклучиме и хрватската заедница и другите заедници бидејќи таков ни е концептот на уредување на државата во којшто признаваме колективно организирање на граѓаните врз основа на етничките карактеристики, вели Османи.
За другите посочени прашања од патоказот, рече дека се прашања коишто се разговараат подолго време за кои сметаат дека може да се најде решение.
Според него, не е можен реципроцитет по однос на вклучување на македонското малцинство во Уставот на Бугарија бидејќи вели, станува збор за две различни уставни уредувања по однос на организација на граѓаните врз основа на етничката припадност во Македонија и во Република Бугарија, а Бугарија согласно нејзиниот Устав не препознава, за разлика од нас, организирање на граѓаните врз основа на етничката припадност.
-Значи, ниту има турска заедница, ниту има каква било друга заедница затоа што уставното уредување е такво да тие не признаваат организирање на етничка основа. За разлика од Уставот на РСМ кој што познава и признава организирање по етничка основа и затоа тој реципроцитет не е можен бидејќи РСМ се има обврзано со договорот дека нема да се меша во внатрешното уредување на Република Бугарија, односно во ова уставно уредување кое што не познава организирање по етничка основа, но тоа не значи дека граѓаните немаат право да се изразат како што сакаат, посочува Османи.
На прашањето дали ноември е краен рок за усогласување на патоказот, за да добиеме зелено светло во декември, шефот на дипломатијата посочи дека тоа е цел на Владата.
-Мислиме дека тие пет точки, заедно со шестата, а мислиме дека треба да има и седма точка – тоа е одлуката за одржување меѓувладина конференција, доколку може да се усогласат како пакет, мислам дека може да биде решение за надминување на разликите и ние ќе работиме на тоа. Нашиот прв таргет е 14 декември кога се одржува состанок на Општиот совет на ЕУ, рече министерот Османи.
Разговорите со Софија, како што појасни, се водат во рамки на декларацијата донесена од нашето Собрание и од насоките на Владата, и дипломатијата има можност во тој простор да најде решение кое ги задоволува двете страни.
-Овој процес мора да ги изнесе како победници двете страни, инаку нема да има одржливо решение, истакна Османи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.